Oва се девојките од РЕБЕЛ кои од стар ќе прават нов мебел и дрвени едукативни играчки!

- Advertisement -

Пет млади девојки, Елиф Канзоска, Александра Спасевска, Сара Цветкоска, Љупка Слевева Димовска и Маја Славева се пионери во отпочнувањето на реупотреба на отпаден мебел како социјален бизнис во земјава. Под името РЕБЕЛ, тие неодамна беа прогласени како една од победничките идеи на третата генерација на млади од проектот RISE организиран од Центарот за социјални претпријатија АРНО.

Обработката на стариот мебел и создавањето на нов, играчки или други предмети во нивната идеја за социјално претпријатие ги инкорпорира и циркуларната економија, екологијата, занаетчиството, едукацијата и вработувањето на маргинализирани лица.

- Advertisement -

Во интервју за Иновативност, Маја Славева, тим лидерка на РЕБЕЛ, вели дека тимот цели кон Zero waste, а секој отпад од преработката на дрвото ќе биде реупотребен за изработка на дрвени едукативни играчки.

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -
Маја Славева

Кажете ни нешто повеќе за „РЕБЕЛ“ и идејата да се реупотребува кабастиот отпад во нов мебел и играчки. Што ве инспирираше да разработите ваков проект?

Тимот на РЕБЕЛ е составен од пет млади девојки со претприемачки дух, Елиф, Александра, Сара, Љупка и Маја, секоја со свое големо влијание во полето каде што работи. Сите сме од различни места, од Градско, Кичево и од Прилеп, и секоја од нас носи по нешто свое со кое што му го дава оригиналниот дух на РЕБЕЛ.

- Advertisement -

Идејата за започнување на социјално претпријатие, кое што во себе ќе ги вклучува циркуларната економија, екологијата, занаетчиството, едукацијата и вработувањето на маргинализирани лица низ цела Македонија, претрпе развој во фазата на идеација во RISE JOURNEY 3, но не се промени. Напротив, се развивме во правец кој што позитивно не’ изненади сите.

Делуваме на неколку критични општествени полиња што сметаме дека се слаба алка во функционирањето на нашата држава. Дивите депонии, огромната невработеност, изумирањето на занаетчиството, големиот бран на иселувања, и најмалата посветеност на занаетот како извор на егзистенција, беа нашиот поттик да ги придвижиме работите и да започнеме еден огромен проект како РЕБЕЛ кој што е од голема важност за сите државни и правни субјекти.

Како може кабастиот отпад да добие втор живот? Какви предмети може да се изработуваат од него?

РЕБЕЛ се води според една мисла – она што за некого е отпад, за некого е богатство. Од ништо, може да се направи нешто, само треба да знаеш и да сакаш. Ние сме и Zero waste ориентирани, што значи дека секој отпад од преработката на дрвото, ќе биде реупотребен за изработка на дрвени едукативни играчки. Во тимот настануваат и постојат идеи кои што едвај чекаат да бидат испланирани, истражувани, пробани, сработени, па дури потоа реализирани.

„РЕБЕЛ“ е една од победничките идеи од третата генерација на млади од проектот RISE организиран од Центарот за социјални претпријатија АРНО. Што ќе значи тоа за развојот на вашата идеја?

Победата во идеациската фаза на RISE JOURNEY значи повеќе работа во следната фаза, а тоа е фазата на идеација. Ни малку не се опуштаме, освен тој еден ден после победата каде што сите си рековме дека е ден за одмор и сон. Се подготвувавме многу интензивно како тим заедно со менторката Александра Илоска од „Лице в лице“.

Организацијата АРНО не’ води доста принципиелно, едукативно, со огромна поддршка низ целиот процес на ова претприемничко патување, за што сме им особено благодарни и им честитаме на успешноста во тоа! Жирито на Demo Day веруваше во нашата идеја, слушнавме многу пофалби, предлози и критики, а сега е време сето тоа да го вметнеме, исфрлиме или централизираме. РЕБЕЛ е кохезивен тим, се прилагодуваме на промените и одиме во следна фаза!

Колку ќе биде лесно или тешко преработката на стар мебел во земјава да се претвори во социјален бизнис? Кои се главните предизвици кои ги очекувате на овој пат?

Пред се’, поддршката за развој на РЕБЕЛ од граѓаните и државните субјекти е од голема важност. За оние кои што не се сретнале со дефиницијата или работата на социјално претпријатие, тоа се стреми да ѝ служи на заедницата со употреба на претприемачките принципи, а не на максимизирање на профитот за сопствениците. Остварениот профит во најголем дел се реинвестира во социјалното претпријатие за постигнување на социјалните цели, а финансиската одржливост ја обезбедува преку успешно работење според пазарните механизми.

Едукацијата на поднебјето за работата и целта на социјалното претпријатие ни е во прв план, како и едукацијата за тоа што значи реупотреба и пренамена на дрвениот отпад во корисни предмети за сите. Од некаде мора да се почне, некој треба да е прв. Еве РЕБЕЛ нека е меѓу првите, предизвикот е прифатен.

Дали сметате дека младите во земјава се еколошки освестени? Како повеќе да се ангажираат и да се заинтересираат за темите поврзани со животната средина?

Јас би го запрашала секој оној кој што ќе го чита ова интервју: Како да освестиш млад човек кој што мисли дека е нормално да фрла отпад насекаде, само поради тоа што некој повозрасен од него тоа го прави цел живот, и тоа без никакви последици? Но, и како да научиш млад човек дека од тоа што е отпад може да направи пари само ако го има потребниот занает?

Нас одговорот не’ донесе до формирање на РЕБЕЛ. Несомнено ни е потребна едукација, и не само на младите. Затоа, секој кој што мисли дека може да придонесе во социјалната, економска и еколошка мисија, или пак сака да ни се придружи, секогаш може да стапи во контакт со нас. Не само што сме отворени, туку и сме подготвени за соработка.

Кои се вашите планови за во иднина, како планирате да се развива РЕБЕЛ?

Полека, но сигурно. Сега сме концентрирани на инкубациската фаза и успешното завршување на сите процеси во неа што не’ очекуваат. Деновиве со Елиф сме во Тирана, Албанија, како претставници од РЕБЕЛ на неколкудневниот RISE Bootcamp 2023, заедно со уште 22 претставници на социјални претпријатија од Западен Балкан, по два тима од Македонија, Србија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.

Ни претстојат уште многу состаноци, многу едукација, многу предизвици, а и свесни сме за тежината која што ни ја носи РЕБЕЛ како бизнис идеја што полека се претвора во социјално претпријатие. Но, целта за неговото успешно постоење како такво е многу поблагородна и помага на целото општество во целина.

Сподели!
- Advertisement -