Италијански научници создадоа вештачки лист кој може да се додаде на билките и така да создава електрична енергија со помош на дождот и ветрот. Системот функционира фантастично во дождливи и ветровиди услови и може да напојува ЛЕД осветлување, како и самиот себе.
Фабијан Медер, истражувач кој проучува биоинспирирана мека роботика на Италијанскиот институт за технологија, вели дека системот може да биде практичен за примена во земјоделството и следење на околината на далечина за да се набљудува здравјето на билките или да се следат климатските услови.
За да може да работи, вештачкиот лист се додава на вистински билки. Кога листот ќе се движи на ветрот, двете површини се допираат една со друга и повторно се раздвојуваат, а притоа се создава статички набој на кутикулите на листовите на билките и на уредот. Овие набои се индуцираат во внатрешното клеточно ткиво на билките, каде што создаваат струја. Оваа струја може да се собере со помош на електроди вметнати во растителното ткиво.
Процесот на собирање енергија со помош на дождовни капки е нов. Истражувачите го вградиле својот систем со вештачки листови поставени во листови на вистински олеандер и ја процениле нивната способност да произведуваат енергија. Резултатите покажале дека капките дожд може да создадат напон и струја поголема од 40 волти и 15 микроампери и дека можат да напојуваат 11 ЛЕД светилки.
Истражувачите сега работат на подобрување на перформансите на овој вештачки лист преку модификација на дизајнот како што се формите на електродите и употребените материјали. Тие сакаат да ги тестираат системите во надворешни и многу променливи услови на дожд и ветар.
(Klix.ba)
(фото: Wallpaper Flare)