„OpenAI“, компанијата која го направи популарниот чет-бот „ChatGPT“ направи истражување за професиите и работните места кои можат да доживеат големи промени под влијание на вештачката интелигенција (ВИ).
Користејќи ги последните модели на машинско учење, новата верзија на „GPT-4“, како и човечка експертиза, тие ги истражувале потенцијалните импликации на јазичните модели врз американскиот пазар на труд. Иако експертите велат дека нивната анализа не е предвидување, податоците покажуваат дека 80% од американските работници може да доживеат најмалку 10% од нивната работа да биде променета поради она што го нарекуваат ГПТ (Генеративни претходно-тренирани трансформатори), односно јазичните модели како „ChatGPT“.
Истовремено, околу 19% од работниците можат да доживеат и до 50% промена во нивните работни задачи поради влијанието на ВИ.
Истражувањето во кое автори се експерти вработени во „OpenAI“, „OpenResearch“ и Универзитетот во Пенсилванија ја проверувала „изложеноста“ на работните задачи на ВИ. За потребите на студијата човечките експерти и ВИ работеле одделно за да ја пресметаат „изложеноста“ на различни професии.
Јазичниот модел означил дури 86 професии како „под целосна изложеност“. Сепак, „целосната изложеност“ не значи дека овие работни задачи ќе бидат целосно автоматизирани од овие технологии, појаснуваат авторите, туку подразбира дека ВИ може да им заштеди многу време на работниците, преку извршување на најголемиот дел од нивните работни задачи.
Паралелно, човечките експерти означиле 15 професии како „целосно изложени“. Професиите кои според нив ќе бидат 100 процентно променети од ВИ се:
- Математичари
- Даночни консултанти
- Финансиски квантитативни аналитичари
- Писатели и автори
- Веб дизајнери и дизајнери на дигитални интерфејси
Други професии со висока изложеност кои биле избрани од човечките експерти се:
- Анкетари (84,4)
- Преведувачи и толкувачи (82,4)
- Специјалисти за односи со јавност (80,6)
- Зоолози (77,8)
Иако има некои совпаѓања, ВИ има малку поинаква листа на 100 процентно изложени професии:
- Математичари
- Сметководители и ревизори
- Репортери, новинари и новински аналитичари
- Менаџери со податоци за клинички студии
- Аналитичари на политики за климатските промени
- Координатори за кореспонденција
- Блокчејн инженери
- Судски репортери и симултани преведувачи
- Лектори
Извор – Радио МОФ