Индустриското производство во март годинава во однос на март лани е зголемено за 1,3 отсто. Во првите три месеци од 2023, пак, во споредба со истиот квартал лани бележи раст од 0,1 процент, соопшти Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во март 2023 година, во однос на март 2022 година, бележи опаѓање од 11.5 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 2.4 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 10.1 %.
Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспомнати на друго и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи, производството во март 2023 година, во однос на март 2022 година, бележи пораст кај Енергија за 5,5%, Капитални производи за 11,8% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 8 %, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 11 % и Трајни производи за широка потрошувачка за 5,1 %.
(фото: Flickr)