Бројни прехранбени производи од среда ќе имаат пониски цени за минимум десет проценти и ќе бидат видно означени во маркетите. Назнаката за гарантирана цена ќе стои до нив се до 30 ноември, кога истекува важноста на оваа владина мерка. Ова е своевидна гаранција дека до тој датум цените нема да се менуваат, односно нема да се зголемуваат.
Опфатени се голем број производи – пекарски, млечни, месо…, а листата ќе биде објавена по утрешната седница на Владата, на која ќе се усвои одлуката предложена од ресорното Минстерство, образложи министерот за економија, Крешник Бектеши. Станува збор за артиклите кои најмногу се купуваат од страна на граѓаните, односно списокот е преземен од Државниот завод за статистика.
Сите анализи се направени за поевтинување на производите, а репер за тоа се ценовните нивоа од први август.
Исто така, забранета ќе биде и акциската и промотивната продажба, но не целосно. Тоа ќе биде можно само за артиклите на кои набрзо им истекува рокот на траење, но и ова ќе се допрецизира утре.
Воедно, преку Бектеши, Владата ги повика компаниите до среда сами да предложат цени на артиклите кои би се намалиле за 10%.