Smart Learning Factory-Skopje e иновативна фабрика во која компаниите учат како да ги подобрат производните процеси

- Advertisement -

Smart Learning Factory – Skopje  е единствената фабрика во која се учи! Тоа е фабрика во која компаниите може да научат многу работи! Како да го подобрат производниот процес, како да заштедат енергија и работна сила се само дел од областите во кои домашните компании може да стекнат нови знаења.

Со поддршка од Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст, Smart Learning Factory – Skopje (Паметна фабрика за  учење – SLFS) обезбедува обука за вкупно 40 лица за локалните микро, мали и средни претпријатија според филозофиите Lean Manufacturing и Six Sigma. Обуката е интерактивна и вклучува имплементација на мали проекти насочени кон подобрување на процесите во самите компании учесници.

- Advertisement -

За искуството и досегашните резултати од оваа соработка разговаравме со д-р Бојан Јованоски, професор на Машинскиот факултет и раководител на Smart Learning Factory – Skopje.      

Новинар – Верица Јорданова

- Advertisement -

За почеток, професоре Јованоски ве молам да не запознаете со Smart Learning Factory Skopje. За каква фабрика станува збор и кој стои зад оваа иницијатива?

Smart Learning Factory – Skopje e формирана во април 2023 кога дојде и опремата. Проектот е финансиран од EIT Manufacturing и е заеднички проект со Техничкиот факултет во Виена и со Festo Lernzentrum од Германија. Преку овој проект добивме грант за набавка на опрема и креирање на тренинг материјали. Тоа беше почеток на Smart Learning Factory – Skopje. Оттогаш досега имаме добиено уште четири други проекти. Ова е првата ваква фабрика која е фокусирана на Lean и Inudstry 4.0 во овој регион.

- Advertisement -

Инаку, Learning Factory значи организација којашто овозможува изучување нови елементи, нови тематики интересни за индустријата. Ова е наменето првенствено за индустријата, но и за студентите и за сите кои сакаат да научат нови работи и да бидат во тек со светските трендови. Фокусот е на теми од Lean и Indsutry 4.0 бидејќи тоа реално беа барањата од индустријата. Ние во неколку наврати од 2019 година наваму правевме најразлични анкети со МСП од земјава за тоа кои се нивните потреби за да бидат поконкурентни на пазарот, да бидат попродуктивни и да се зголеми нивната ефикасност. Оттука произлезе тематиката – Lean што значи работа без загуби и Indsutry 4.0 што е термин за последната четврта индустриска револуција која е наменета за smart things, дигитална специјализација и дигитална трансформација на организациите и процесите.

Од каде потекна потребата од формирање на една ваква „паметна фабрика за учење“ и за кого првенствено е наменета?

Фокус ни е индустријата и токму кон неа е насочена оваа фабрика за учење. Целата работа е да се помогне во подобрување на процесите во претпријатијата. Може да стане збор за подобрување на едно работно место, но и за подобрување на цели производни процеси. Повторно, на барање на индустријата се создадоа обуки наменети за подобрување на продуктивноста во претпријатијата. Оваа иницијатива беше помогната од УСАИД преку Активноста Партнерства за економски раст со што се обезбедува кофинансирање на 40 вработени од различни фирми од земјава да ги поминат тие обуки и по завршување на обуките да подготват мини проект во нивните фирми и да го презентираат пред стручна комисија.

Овие 40 учесници се поделени во четири сесии. Досега е помината една група, а во следните месеци ќе бидат реализирани останатите три. Презадоволни сме од првата сесија, од посветеноста на учесниците и од изработените проекти. Сепак станува збор за краток временски период во којшто тие треба да сработат реален индустриски проект во своите организации. Иако станува збор за мали проекти, се чувствуваат големи промени во самиот процес или во работното место.

Целата идеја со обуките е првенствено да ги запознаеме македонските фирми со концептот на Lean Six Sigma, да ги запознаеме со нашите капацитети и да им покажеме опрема која во иднина би можела да биде имплементирана на индустриско ниво.

Најголем интерес има од фирми од преработувачката индустрија: од текстилната, прехранбената, метало-преработувачката индустрија… Во светски рамки оваа обука си наоѓа примена и во услужните дејности, како банки, болници и секаде каде што има процеси кои треба и може да се подобрат.

Што најмногу треба да научат учесниците во вашата Фабрика?

Учесниците, односно компаниите кои праќаат свои вработени на овие обуки најчесто се фокусираат на големиот отпад кој го генерираат, долгото време за испорака на производот, недоволната обученост на вработените и слично. Тие сами си го избираат проектот кој ќе го сработат во фирмата и сами ги презентираат придобивките пред своите претпоставени.

Може ли да посочите некој илустративен пример од досегашното искуство и поважно – дали менаџментот има спремност и волја да го примени наученото во пракса?

Имавме еден интересен проект за намалување на времето за промена на алатот на една машина, и со овој проект тоа време се намали за 30%. Во друга фирма пак се примени софтверска алатка која помогна во понатамошното кроење на лимот. Ова се мини проекти насочени кон една машина, кон едно работно место. Понатаму идејата е да се развиваат поголеми проекти кои ќе ги имплементираат мешани тимови од фирмата со наш тим од експерти. За ова исто така разговараме со УСАИД преку Активноста Партнерства за економски раст за можна поддршка на овие иницијативи и потреби на компаниите. Притоа ќе се прави снимање на состојбата и креирање, тестирање и имплементација на подобрени решенија.

Предноста е што Smart Learning Factory – Skopje веќе има мрежа на партнери од индустријата со многугодишно искуство (систем интегратори) кои може да ни помогнат во целосното интегрирање на решението кое ќе го предложиме во некоја фирма.

Првичните реакции од менаџментот се многу позитивни и тие планираат да вклучат повеќе луѓе во овие обуки, а бараат и подетални обуки за некои специфични теми кои би решиле поголеми проблеми во нивите фирми.

Обуките ги реализира тим од Машинскиот факултет во Скопје од катедрата за индустриско инженерски менаџмент, проф. д-р Бојан Јованоски, проф. д-р Роберт Миновски и асистентот м-р Александар Аргиловски. Идејата е тимот да се шири, и тоа веќе се случува со проектни асистенти во прво време, како и со консултанти од други области, комплементарни на нашиот тим.

Кој е заклучокот од работата со компаниите, што им недостига на македонските фирми за да постигнат подобра ефикасност и поголема продуктивност во работењето?

Секоја фирма си има свои критични точки. Јасно ни е дека компаниите имаат проблеми со финансии, со набавки, но нашата задача е да ја подобриме нивната продуктивност. Тука зборуваме за подобрување на времето за испорака на одредени производи, намалување на трошоците во производните циклуси, зголемување на флексибилноста при правењето понуди и адаптации за добавувачите. Крајната цел е оптимизирање на производните процеси, зголемување на продуктивноста и балансирање на искористеноста на вработените.

Колку технолошката опременост на компаниите влијае на целиот процес?

Целата работа е дека одлуките треба да се носат врз база на податоци. Не интуитивно, не врз база на претпоставки, туку константно да се собираат податоци од машините, од производството, од вработените… Потоа тие податоци да се анализираат и да се влечат заклучоци за полесно оптимизирање. За жал, во Македонија фирмите сè уште се мачат со собирање на информации. Далеку сме од фазата на оптимизирање на процесите врз база на анализа на податоците. Заедно со нашите партнери работиме на старите машини, да им се додадат компоненти со кои ќе се следи работата на машината и да се следат тие податоци. Па, потоа да се донесуваат соодветни и навремени одлуки.

Колку е важна поддршката од меѓународните организации за ова да може да се стави во функција?

Многу е важна оваа соработка. УСАИД преку Активноста Партнерства за економски раст се вистински партнери на Smart Learning Factory – Skopje. Преку ова партнерство и ние станавме повидливи и поинтересни како организација. На тој начин дојдовме до партнери кои ги донираа своите решенија во Smart Learning Factory – Skopje за да бидат подостапни и повидливи за компаниите од индустриите кои доаѓаат кај нас и го направија нашиот простор прав т.н. “showroom“ за интересни решенија. Тука може да се споменат Smart Energy Solutions со нивниот паметен мониторинг и анализа на енергетската потрошувачка во една фирма. Тритек Солушнс компанија која го донираше својот Андон систем кој е еден од многуте модули кои ние ги претставивме пред компаниите и потенцијални клиенти. Наскоро, ќе бидат претставени и други интересни решенија за индустријата.

Соработката меѓу приватниот сектор и високото образование постои, но може да биде уште подлабоко. Во оваа насока кои алатки ги нуди Smart Learning Factory – Skopje за уште повеќе да го привлече приватниот сектор?

Идејата е Smart Learning Factory – Skopje е да стане главен Hub во Македонија за дигитална трансформација на мали и средни претпријатија од преработувачката индустрија. Имаме неколку фази. Прво да бидеме еден вид на showroom каде компаниите ќе дојдат да видат како функционираат одредени методи или технологии кои се поврзани со Industry 4.0. Втората работа е да бидеме тренинг центар кој ќе нуди иновативни обуки во насока на зголемување на продуктивноста и трето – да бидеме центар за експериментирање каде компании кои имаат недоразвиени софтверски или хардверски решенија може да дојдат да ги пробаат и да го искористат знаењето и искуството на Машинскиот факултет и сите партнери во Smart Learning Factory – Skopje. Четврто се консултантски проекти каде нашиот тим заедно со своите партнери би имплементирал целосни проекти во фирмите.

Редовно ја ажурираме нашата web страна learningfactory.mf.edu.mk, како и нашите профили на социјалните медиуми LinkedIn, Instagram и Facebook. Сите наши активности и нови проекти се видливи и достапни за секого.

Какво е искуството на компаниите?

Горан Цветаноски, ИНАКО МАК

Lean Six Sigma е методологија преку која системски се подобруваат бизнис процесите, се прави подлабока анализа со цел да се зголеми продуктивноста и квалитетот а со тоа и конкурентноста на една компанија. Искуството од обуката во Smart Learning Factory – Skopje е позитивно бидејќи имавме можност да се запознаеме со најефикасните алатки за подобрување на процесите, да утврдиме на кои процеси треба да се посвети поголемо внимание, но и полесно да ги идентификуваме причините за проблемите со кои се соочуваме. Дел од алатките ги  применивме за време на изработката на проектите при што имавме помош и поддршка од предавачите.

Иплементацијата на новостекнатото знаење дефинитивно ќе ни помогне во работењето, да ги анализираме детектираните проблеми, и преку достапните алатки да ги намалиме или целосно елиминираме непотребно потрошеното време и ресурси со што ќе го подобриме квалитетот на производите и услугите.

Каков проект произлезе од оваа обука и на кои аспекти од работењето се однесува истиот?

Проектот на кој работев јас беше за подобрување на ефикасноста на една производствена линија, а поради позитивните резултати кои ги воочивме, почнавме со примена и на другите производствени линии.

Веруваме дека континуираното унапредување на човечкиот капитал е клучно за одржливост на бизнисите, обуките за вработените и програмите за развој се поважни од било кога, бидејќи доколку постои јаз во вештините кои им се потребни на бизнисите со оние кои ги поседуваат вработените, тоа ќе генерира помала продуктивност и помала додадена вредност за фирмите. Инако МАК води грижа за развојот на вработените бидејќи тие се клучен фактор за нејзиниот успех, а правилниот развој на кадрите е наш главен приоритет, инвестиција која ќе придонеси за подобри резултати во работењето и за успешно остварување на поставените цели.

Горан Антевски, Раде Кончар ТЕП

Дијагностиката, односно дефинирањето на слабите точки во работењето е една од клучните недостатоци кај нашите компании генерално. Најтешко за компаниите е реално да проценат каде им се губитоците, дали во транспорт, во логистика, во движењето на производниот процес…. Клучниот проблем е во поставеноста на системот и продуктивноста на луѓето. Ние во Раде Кончар ТЕП сега го менуваме фокусот на нашето работење, и се фокусираме многу повеќе на машините и зголемување на нивната искористеност затоа што сметаме дека луѓето треба да бидат дијагностичари и набљудување на работата на машините.

Што се однесува до обуката за Lean six sigma во во Smart Learning Factory – Skopje истата ја поминаа двајца наши инженери. За помладиот колега ова беше сосема ново искуство кое му отвори нова перспектива, поинаква од инженерската. За него ова беше инспиративен чекор и кај него веќе има напредок со тоа што сега сам си ги сфаќа грешките кои ги правел и бара начин да ги подобри.

Главните аспекти се однесуваат на продуктивноста и тие сега имаат повеќе фокус на тоа како и каде можат да го подобрат производниот процес. Сфатија  дека излегувањето од шаблон може да им отвори нови можности.  Наученото веќе го имплементираат со дизајнирање и изведба на нов, иновативен дизајн на трафостаница.

Сподели!
- Advertisement -