Две милијарди денари за над 15 000 невработени лица се предвидени со годинашниот Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот. Како што беше речено на денешната промоција под мотото „Шанса за сите“, поддршката за отворање сопствен бизнис, како една од најбараните во Оперативниот план, ќе опфати околу 2 000 лица.
Во Оперативниот план се содржани и мерки за креирање нови работни места во микро, малите и средните претпријатија, како што се субвенции на плати и раст на правни субјекти, преку кои се планира да бидат директно вработени над 1 120 лица. Главен фокус ќе биде вработувањето на најранливите категории граѓани, долгорочно невработените млади лица, жените, Ромитe, а преку посебен фонд е предвидена и поддршка за директно вработување на 150 лица со попреченост.
-Планот оваа година опфаќа 15 244 крајни корисници од кои 11 622 лица во мерки за вработување и 3 622 со услуги. Во креирањето на Оперативниот план главна цел е воспоставување функционална и флексибилна платформа за имплементација на мерки и услуги, при што ќе се понуди шанса за сите. Во дефинирањето на содржините, како општо правило се настојуваше да се постигне еднаква застапеност на мажи и жени, како и учество на младите лица до 29 години од најмалку 30 проценти. Ранливите категории на невработените лица останува уште еден од приоритетните цели на Оперативниот план, со што се потенцира општата заложба за еднакви можности за сите, рече министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски.
Директорот на Агенција за вработување, Ведат Османи потенцира дека секоја година година се одвојуваат се повеќе средства за Оперативниот план, а со тоа и се повеќе граѓани добиваат можност да се вклучат на пазарот на труд.
Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан истакна дека и во годинашниот Оперативен план, УНДП во партнерство со Агенцијата за вработување ќе реализира неколку клучни мерки и програми за вработување и зголемување на вработливоста со фокус на ранливите категории.
-Програмата за развој на УНДП, како долгогодишен партнер на Владата и националните институции ќе ја продолжи соработката со сите релевантни чинители преку дизајнирање иновативни механизми за поттикнување на економскиот раст и развој на приватниот сектор и обезбедување еднакви можности за сите, рече Григорјан.
Извор – Либертас