Бадијала е името на новата мобилна апликација која на купувачите им нуди можност да зашетдат при пазарување во маркети и дрогерии. Цените на производите во маркетите се секојдневно тема на разговор во секое семејство, планот што ќе се купува секогаш се прави дома, но многу често не се совпаѓа со реалноста и потошените пари.
Креаторот на Бадијала, Ѓорѓи Филиповски вели дека неговата апликација на сите им нуди вистински податоци, на едно место и во реално време со сите акции и попусти на производи низ маркетите. Тој вели дека, наместо листање на десетици флаери, симнувањето на Бадијала, кое е бесплатно и на Google Play и на Apple App Store, го скратува времето на планирање и на пазарење, а штеди и пари.
Новинар – Сања Наумовски
Ѓорѓи, објаснете ни ја идејата на Бадијала
Мобилната апликација Бадијала започна да се користи од септември 2023 година, кога беше официјално поставена за бесплатно превземање на Google Play и на Apple App Store. Бадијала ги собира сите производи на промоција и акција од големите маркети како Веро, Рамстор, Тинекс, Стокомак, Кам, и од дрогериите/аптеките како ДМ и ги поставува во вашиот телефон, за да бидат достапни 24/7 за купувачите.
Користиме алгоритам МАКСО (Maximum Scraping Mechanism) кој поминува низ .PDF флаерот од маркетите и го конвертира во дигитален формат во апликацијата, па на тој начин купувачите можат во мир да ги прегледаат сите производи кои се на попуст и според тоа да направат список за пазарување, штедејќи време и пари.
Апликацијата содржи повеќе корисни филтри според потребите и желбите на корисниците како на пример бирање супермаркети, категории на производи, денови во неделата со конкретни промоции, а со додавање на ❤ на производот во листа на омилени, кога тој производ ќе дојде повторно на промоција, корисникот ќе биде известен за тоа. Својот список за пазарување корисниците може да го споделат на порака, на Вибер, или на WhatsApp, со членовите на семејството кои планираат да одат на пазарење место нив.
Апликацијата е бесплатна за симнување за Андроид и iOS, а корисникот може да се регистрира и креира профил на Бадијала многу едноставно со профил од социјалните мрежи или со својата емајл адреса.
Бадијала е развиена според најновите технологии за мобилен апликативен софтвер и ги почитува сите правила за приватност на податоци и лични информации. Редовно вршиме апдејти и доразвивање на апликацијата следејќи ги најновите верзии на мобилните оперативни системи.
Како дојдовте на идејата да ја обедините во една апликација сета понуда на маркетите која е на акција?
Идејата за Бадијала потекна од мојата сопруга и од нашето лично искуство при неделното купување по маркетите. Таа ми прави список, и јас по списокот купувам. Верувам дека и многумина го следат истиов концепт. Меѓутоа, кога ќе се вратам дома, многу често таа ми вели: Што не го зема тој производ на промоција во Веро или на акција Рамстор?! И навистина, кога ќе ги споредиме цените, доколку сме пазареле на акција и промоција, ќе заштедивме и до 30% при пазарењето. Затоа ја создадов Бадијала апликацијата за да има мир во куќа, по идеја на мојата сопруга. Маркетите и дрогериите користат печатени флаери за објавување на своите промоции, меѓутоа тешки се за пребарување, не се еколошки, често се застарени, и наоѓаат сосема различна намена во домот-на пример, виткање на тегли во подрум.
Бадијала е карбон-неутрална апликација, ја штити животната средина и им помага на луѓето на едно место да ги најдат сите производи на попуст. Ние се гордееме со фактот дека им помагаме на нашите сограѓани да заштедат пари, што не прави еден вид дигитални хуманисти во ова време на инфлација, кога цените растат секојдневно, а секој денар е важен.
Каков е интересот на граѓаните досега за симнување на апликацијата?
Бадијала од својот почеток до сега, а тоа се околу шест месеци, има повеќе од 6.000 симнувања на двете мобилни платформи и повеќе од 5.000 регистрирани претплатници. Интересот е голем бидејќи цените на производите во маркетите се секојдневно актуелни, растат или се менуваат, а Бадијала нуди на едно место, во реално време, вистински податоци.
Кога зборувам за бројки како “регистрирани претплатници”, не зборувам за followers на Facebook или срциња на Инстаграм. Зборувам за вистински корисници кои ја симнале Бадијала апликацијата на својот мобилен телефон, регистрирале профил, и ја отвораат и разгледуваат што се нуди низ неа повеќе пати до денот.
Во моментот имаме повеќе од 500 дневни корисници, кои во просек се задржуваат по 4 минути и 47 секунди што ја прави Бадијала апликација по време поминато веднаш после социјалните мрежи (Tik-Tok, Instagram, Facebook). Се наоѓаме на петто место по број на симнувања на App Store во категорија Lifestyle. Постојано работиме на зголемување на бројот на повратници-корисници, и на објаснување на придобивките од апликацијата за корисниците, за да им стане навика пред секое одење во маркет, првин да отворат на Бадијала па дури потоа да одат на пазарење. Впрочем, тоа е и нашето мото: Прво на Бадијала, па потоа во маркет!
Освен тоа што е наменета за секој купувач, кои се бенефитите кои им ги нудите на трговците?
Бадијала е мобилна апликација, меѓутоа, Бадијала е и дигитална cloud платформа која нуди пристап на маркетите сами да ги поставуваат своите производи на промоција и акција. Притоа, апликацијата ги мери сите податоци за однесувањето на корисниците, и тоа прави да во реално време, маркетите, како и добавувачите и дистрибутерите имаат вистински мерливи податоци за успешноста на своите акции. Тоа значи, во секој момент, на Бадијала може да се види дали купувачите го преферираат овој или оној тип на сирење на промоција или повеќе го додаваат во список овој сок или оној газиран пијалок. Со овие податоци и табеларни извештаи, ние им ги нудиме на маркетите и дистрибутерите и со тоа им помагаме да ги формираат своите промотивни стратегии во иднина.
Маркетите освен што печатат флаери, како што реков, тие ги објавуваат своите промоции на Facebook или Instagram, социјални мрежи кои не се соодветно место за поставување на “пилешки гради” или “пилешки батаци” на попуст. Исто така, купувачите треба да одат на различни платформи, на неколку различни места, за да дојдат до овие информации. Со Бадијала, ние им нудиме на маркетите да имаат една централна платформа за промоции и акции, нивно место за среќавањесо своите потрошувачи, а на купувачите да имаат едно место каде можат да ги најдат сите тие попусти.
Иматели планови да ја дополните бадијала и со други можности за купувачите?
Нашите планови се развивање на продуктот и на тоа апликацијата да стане најпопуларна и општо прифатена кај нас и на Балканот. Одиме во насока за поголемо учество на корисниците давајќи им додадени вредности, како и развивање на алатки за уште поголема анализа на податоци од апликацијата. Сакаме да ја развиеме Бадијала и во други сегменти за купување на попуст, размислуваме да воведеме и Вештачка Интелигенција (AI), за да корисниците имаат уште поголеми придобивки.
Што мислите – дали би било убаво да можете да кажете: „Хеј Бадијала, направи ми список од најевтини производи од категории хигиена и чистење и хемија од сите маркети оваа сабота”. И Бадијала да ви направи список, поделен по маркет, со цени и заштеда, и вие да го извршите вашето викенд купување. Совршено!
Имаме конкретни планови за развој и промоција, но еден од нив е и потрага по инвестиции, бидејќи ние сме старт-ап, кој сето ова го оствари со сопствени средства и нормално помош на семејството и пријатели за што сме благодарни.
Какви се плановите за во иднина, планирате да го проширувате пазарот надвор од земјата?
Плановите кои ги имаме за Бадијала се големи и полни со многу ентузијазам! Моментално Бадијала е достапна само во Македонија и тоа на македонски, албански и англиски јазик. Планираме да ги освојуваме и соседните пазари и да се се шириме на Балканот и со тоа нашиот потенцијален пазар од 100.000 претплатници да се зголеми на многу повеќе потенцијални претплатници. За остварување на тие планови и цели потребни ни се инвестиции, па сме во постојана потрага по грантови од фондови, преговараме со бизнис ангели и потенцијални инвеститори. Ја користам оваа прилика да се обратам на сите што се заинтересирани за таква соработка, да не контактираат!
Кажете ни нешто за тимот што ја креираше апликцијата.
Бадијала како старт-ап има мал, но многу продуктивен тим. Јас сум основачот и сопственикот и со моето искуство во компјутерското инженерство сум и главен архитект на развојот, координаторот на промоцијата, финансиите или се во едно – типично за еден старт-ап. Мојата сопруга ми е советник за промоција и адвертајзинг, и двајца млади инженери со искуство во QA, UX/UI, дата анализи и развој, како и цел тим од интернационални девелопери со договор на дело кои имаат огромно искуство со развој на мобилни апликации и платформи кои освен развојот имаат и вршат и советодавна улога. Кога зборуваме за совети, Бадијала има и екстерни експерти кои се дел од акцелераторски и старт-ап програми кои нудат помош при барање на бизнис-ангели, фондови или помош во отворање врати или нетворкинг.