„Браво сине“ и „Арс Ламина“ со збирка од 24 „Нови бајки од Македонија“

- Advertisement -

Волшебниот свет на бајките е побогат за уште едно издание. Денеска е промовирана книгата за деца „Нови бајки од Македонија“, во издание на „Арс Ламина“ и Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ „Нови бајки од Македонија“ е збирка од 24 современи авторски бајки, чиј авторски израз се темели на традицијата за раскажување, а стилот и визуелниот изглед на бајките им се приближува на младите читатели, со што се придонесува за создавање на читачки навики кај оваа публика.

„Покажавме дека имаме голем и свеж креативен капацитет кај младите кои бараат шанса да ги покажат своите потенцијали. Многу сме горди што успеавме да создадеме платформа што овозможи тие да се изразат креативно, а како резултат на тоа се создадоа нови дела што станаа за кратко време едни од најпродаваните и најнаградуваните книги од Македонија. Денес велиме добредојде на уште едно издание што произлегува од оваа креативна платформа. ’Браво сине‘ продолжува да гради можности за младите креативци и да реализира проекти од национален интерес“, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“

- Advertisement -

На промоцијата на збирката „Нови бајки од Македонија“, која се одржа во книжарницата на „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, се обрати и Бранка Бугариска, директорка за издаваштво на „Арс Ламина“. „Во време на дигитализација е вистински предизвик да создадете книга што и со својата содржина и со својот изглед ќе биде допадлива за читателите. Имаме квалитетни автори и илустратори за да создадеме изданија во согласност со афинитетите на современата публика. Преку оваа соработка создадовме значајни дела што поставија нов стандард и ја збогатија современата македонска литература за деца. Нашата соработка продолжува и уверени сме дека ќе придонесеме за збогатување на македонската култура и издаваштво.“

Збирката „Нови Бајки од Македонија“ ја уреди Оливера Ќорвезироска, уредник во „Арс Ламина“, а илустрациите се на Орце Нинески.

- Advertisement -

„Браво сине!“, во партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина“, реализираше значајни проекти од национална важност. На почетокот, со проектот „Бајки од Македонија“, македонското народно творештво се приближи до најмладите и доби нов современ лик, а потоа следуваа и проектите „Басни од Македонија“, „Бајки од Македонија за цела година“, „Мистериозното јајце“, „Современи бајки од Македонија“ и збирката „Детелинки-белинки“. Нивната главна цел беше да се поттикне креативниот потенцијал на младите илустратори и автори од Македонија. Досега, на јавните конкурси на Движењето „Браво сине!“ се пријавиле над сто талентирани дизајнери-илустратори од земјава, а 313 автори доставиле 442 текста за новите едиции на „Современи бајки од Македонија“. Вкупно се издадени 80 бајки од Македонија, како и четири басни од Македонија.

За исклучителниот успех на проектот говори и податокот дека едицијата „Бајки од Македонија за цела година“ е вброена помеѓу 200 најдобри книги за деца и млади во светот што се дел од годишното издание на најпрестижниот каталог на литература за деца и младинци во светот – „Вајт рејвенс“ (The White Ravens), кој е дел од најголемите светски саеми за книги што се одржуваат во Франкфурт и во Болоња. Дел од книгите во споменатите едиции се преведени на седум јазици и на Брајовата азбука, а добитници се и на светски награди и признанија.

- Advertisement -

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг-индустрија – Иво Лауренчиќ, кој во текот на целиот свој работен век им даваше несебична поддршка на младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал.

Сподели!
- Advertisement -