Ново истражување на американските научници претставува значителен напредок во следењето на крвниот притисок, особено за области со ограничен пристап до здравствена заштита, користејќи само сензори во паметните телефони.
Хипертензијата или високиот крвен притисок е голем здравствен проблем кој често води до срцева и бубрежна инсуфициенција. И покрај здравствените ризици што ги носи, често е недијагностициран.
Сепак, една нова апликација за Android, развиена од страна на американски научници од Универзитетот во Питсбург, може да го промени тоа со проценка на крвниот притисок преку паметни телефони.
Апликацијата користи комбинација од сензори, вклучувајќи акцелерометар, камера и екран на допир, за мерење на крвниот притисок. Со оваа технологија корисниците можат да го измерат својот крвен притисок без да посетат лекар или да користат специјализирана опрема, што е потенцијално средство за спасување животи за заедниците на кои им недостасуваат овие услуги.
Кај недоволно опслужените популации, многу луѓе немаат пристап до монитори за крвен притисок, редовни прегледи на лекар или дури не знаат дека тоа е проблем, но имаат паметни телефони, објаснува Рамакришна Мукамала, биомедицински инженер на Универзитетот во Питсбург.
Крвниот притисок обично се мери со помош на сфигмоманометар, кој вклучува притисок врз артеријата со манжетна на надувување. Апликацијата има поинаков пристап. Се базира на промените во положбата на рацете и допирите на екранот за пресметување на пулсниот притисок, наместо физички да го ограничува протокот на крв.
Студија поврзана со примената на оваа апликација беше објавена во списанието Scientific Reports.
Поради гравитацијата, има промена во хидростатичкиот притисок во палецот кога ги кревате рацете над срцето, а со помош на акцелерометарот на телефонот, можете да го претворите тоа во релативна промена на притисокот, објаснува Вишал Дамотаран, исто така биомедицински инженер во Универзитетот во Питсбург.
Во тестовите на 24 учесници било откриено дека отчитувањата на апликацијата се точни до околу 8 милиметри жива (mm Hg). Со понатамошен развој, научниците веруваат дека апликацијата ќе стане уште попрецизна.
(Science Alert)
(фото: Flickr)