А1 Македонија со огромен успех заокружи уште еден циклус работилници за безбедно користење интернет во кој учествуваа 690 деца од 8 основни училишта. Едукативната програма за деца „Интернетот не e само игра… Кликај безбедно!“, е важен чекор во едукацијата на најмалите за безбедно користење на интернетот, помагајќи им да развијат вештини кои ќе ги заштитат во дигиталниот свет.
„Интернетот не e само игра… Кликај безбедно!“ е програма наменета за четвртоодделенци, со која вработените во А1 Македонија, преку интерактивни и интересни предавања, приспособени на возраста и на образовната програма, ги запознаваат учениците како безбедно да бидат дел од светската мрежа, а притоа да ги заштитат своите лични податоци.
„Навистина сме среќни и задоволни што интересот за оваа едукативна програма расте сè повеќе од година в година. Со брзиот напредок на технологиите, сведоци сме на зголеменото користење на мобилните телефони и на интернетот од страна на децата. Интернетот е корисен извор на информации, едукација и забава, но најмладите не можат да проценат што е соодветно за нив, а што не е. Затоа, седум години во континуитет ги спроведуваме едукативните работилници што опфаќаат теми какви што се заштита на личните податоци, што е сајбер насилство, но и важноста од здраво онлајн однесување“, изјави Елена Димовска, раководителка на Одделот за корпоративни комуникации во А1 Македонија.
Работилниците ќе продолжат и во второто полугодие од учебната 2024/2025 година, а сите што се заинтересирани за предавање, можат да пријават училиште на следната веб-страница https://www.a1.mk/klikaj-bezbedno во делот „Пријави училиште“.
„Интернетот не е само игра… Кликај безбедно!“ е дел од ESG проектот на Групацијата Телеком Австрија, со која сите членки на Групацијата се обврзуваат на одржливо работење и вложување во заедницата, првенствено за дигитална писменост на најразлични возрасни групи.
Во рамките на проектот, предавањата од 2018 година досега ги проследиле повеќе од 6000 четвртоодделенци, од 65 училишта и 13 града во земјава.
Програмата се реализира во соработка со Министерството за образование на Република Северна Македонија, а со одобрение на Бирото за развој на образованието.
Повеќе информации за едукативната програма „Интернетот не е само игра. Кликај безбедно“ се достапни на https://www.a1.mk/klikaj-bezbedno.