Пензиските друштва организираат натпревар за одржливи решенија во рамки на кампањата „Засади желба“

- Advertisement -

Денес трите пензиски друштва, КБ Прво пензиско друштво ад Скопје, Триглав пензиско друштво ад Скопје и Сава пензиско друштво ад Скопје, го означија отворањето на нивниот натпревар „еко-тон“, хакатон на кој бараат одржливи решенија во рамки на кампањата „Засади желба за одржлива иднина“.

Настанот ќе се одржи на 18 октомври, каде што ќе се натпреваруваат 8 тимови составени од млади луѓе на возраст од најмалку 15 години, коишто ќе бидат избрани во процес на претселекција од страна на жири комисијата.

- Advertisement -

Претставниците на пензиските друштва велат дека ги охрабруваат сите млади луѓе коишто имаат одржлива идеја да се пријават на натпреварот, бидејќи ќе имаат можност да научат повеќе за  процесот на создавање одржливи и остварливи проекти. За таа цел се ангажирани ментори од стартап и „зелената“ заедница. 

За трите првопласирани тимови е обезбеден награден фонд како признание за вложениот труд и поттик за младите да продолжат да размислуваат и да се борат за поубава иднина.

- Advertisement -

„Веќе речиси 10 години наназад организираме кампањи за информирање на населението за она што во еден момент во животот станува неизбежна тема за размислување, а тоа е финансиската сигурност во пензионерските денови.

Засади желба за одржлива иднина е трето продолжение од кампањата со којашто покрај едукативните, вклучивме повеќе општествено-одговорни активности со кои сакаме преку симболичен, практичен пример да им прикажеме на младите генерации дека секоја мала денешна постапка е голем чекор поблизу до градење поубава иднина на долг рок.

- Advertisement -

Со овие активности исто така се стремиме кон мотивирање на младите да станат активни учесници во грижата за животната средина. Она што го видовме во изминатите 3 години е дека младите го разбираат и прифаќаат ваквиот начин на едукација, а што е уште поважно, имаат прекрасни креативни идеи за негување на животната средина.

Затоа одлучивме овој пат да им дадеме шанса токму тие да учествуваат во креирањето на насоката во којашто треба да дејствуваме сите ние ако сакаме да обезбедиме поубава, одржлива иднина за секој од нас поединечно, но и за целата заедница“ – се вели во изјавата на претставниците на трите пензиски друштва.

Пријавувањето се одвива преку веб страницата https://penzija.mk/hakaton/ каде што се објавени и сите детали и правила за учество. Пред затворањето на пријавите, сите заинтересирани ќе имаат можност да слушнат повеќе за очекувањата на натпреварот на отворените онлајн сесии за прашања и одговори со членовите на жири комисијата, преку линкови за вклучување кои ќе бидат објавени на социјалните мрежи.   

Овој натпревар ќе го одбележи крајот на кампањата “Засади желба за одржлива иднина“, по засадените Пензиски паркови во средните училишта „Никола Карев“ во Скопје и „Коле Неделковски“ во Велес, герила активностите низ Скопје, како и едукативните активности на социјалните мрежи и веб страницата penzija.mk.

Сподели!
- Advertisement -