Лекарите предупредуваат дека се повеќе деца и млади имаат потешкотии со менталното здравје како симптоми на анксиозност и депресија,. Проблемот е што недостасуваат лекари, психијатри и психолози кои би можеле да работат со овие деца и да им помогнат да научат како да се справат со овие проблеми.
Во светот се зголемува бројот на анксиозни и депресивни деца и млади луѓе. Затоа, во Обединетото Кралство одлучија да пробаат малку поинаков пристап за лекување на ваквите нарушувања – самолекување. Поточно, тие развија мобилна игра која е дел од когнитивната бихејвиорална терапија, која има за цел да им помогне на децата да научат како да управуваат со нивната анксиозност. Мобилната игра се вика Lumi Nova и е дизајнирана како прв чекор во лекувањето на децата на возраст од седум до 12 години кои имаат блага до умерена анксиозност. Ова би било и обид да им се помогне на децата пред да се појави потреба од стручна помош.
Како што објаснија од BFB Labs, компанијата која ја разви играта, тие работеле на нејзиниот дизајн со семејства на деца со анксиозни нарушувања, лекари, воспитувачи и експерти за ментално здравје. Играта е дизајнирана да ги води децата низ низа персонализирани задачи кои постепено ги изложуваат на нивните стравови и им даваат алатки кои ќе им помогнат да ги победат тие стравови.
Дополнителна предност на играта е тоа што е бесплатна за жителите на Херефордшир и Ворчестершир и може да се пристапи во секое време од денот или ноќта, а податоците собрани за време на детската игра им се достапни на нивните лекари и терапевти. Според податоците собрани од BFB Labs, на дури 60% од децата кои ја користеле Lumi Nova како прв чекор во справувањето со анксиозноста, не им била потребна дополнителна помош.
Оваа мобилна игра моментално е достапна само во Англија, но доколку резултатите продолжат да бидат позитивни, се очекува таа да се прошири дополнително.
(Zimo)
(фото: BFB Labs)