Современите автомобили станаа како компјутери на тркала, а врвот на таквиот технолошки напредок и развој на возилата секако е автономното возење. Иако возилата се повеќе доаѓаат со одредени форми на помош при возење, како на пр. со автопилотот на Tesla, или FSD, возачите во овие автомобили мора постојано да ги имаат рацете на воланот и да следат се што се случува во сообраќајот за да можат да реагираат навремено. Ова не важи за роботакси како возилата без возач на Waymo, но тие поминале низ бројни тестови и имаат посебни дозволи.
Кон крајот на минатата година Mercedes-Benz, исто така, доби дозвола да го користи својот систем за автономно возење Drive Pilot на автопатите во Германија, а оваа дозвола им овозможува да возат до 95 км/ч на такви автопати без човечки надзор. Така, додека компјутерот го контролира возилото и гарантира безбедност, возачите се слободни да прават други работи.
Во моментов само некои од најмоќните автомобили на Mercedes ја имаат оваа форма на Drive Pilot (тоа е систем за автономија на ниво 3, додека Waymo, на пример, има автономија на ниво 4), а ако случајно се најдете на германските автопати, постои начин да препознаете дали возите покрај Mercedes што не го вози човек, туку компјутер.
Имено, Mercedes доби дозвола да тестира специјални светла на германскиот пазар кои укажуваат дека автомобилот се контролира од компјутер. Таа боја е – тиркизна. Треба да се нагласи дека Mercedes започна со тестирање на вакви светла кон крајот на 2023 година, но на два американски пазари, а ова е првпат вакви светла да се тестираат на нашиот континент.
Причината поради која Mercedes се одлучи за тиркизната боја е тоа што е уникатна, односно не се користи во други сообраќајни знаци, па ќе биде јасно препознатлива. Освен на другите учесници во сообраќајот, тиркизните светла ќе им бидат од корист и на полицијата, бидејќи ќе и биде јасно дека ако возачот пишува на мобилен телефон или гледа нешто на телефон или таблет додека тие светла се вклучени, тој не прави прекршок.
За време на автономното возење тиркизните светла ќе светат на предниот и на задниот дел, како и на страничните ретровизори, а резултатите од овој тест би можеле да помогнат во иднина во создавањето правна рамка поврзана со автономното возење.
(Arena EV)
(фото: Mercedes Benz)