Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави намера за распишување јавен тендер за нов мобилен мрежен оператор, по барање на „Оне Македонија Телекомуникации“, фирма регистрирана од унгарската „4иГ“. Станува збор за доделување радиофреквенции во три опсега: 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz
– По сопствена иницијатива и врз основа на пристигнатo барање од Друштво за телекомуникациски услуги ОНЕ МАКЕДОНИЈА ТЕЛЕКОМУНИКАЦИИ ДООЕЛ Скопје број 0805-1103/1 од 16.04.2025 година, Агенцијата за електронски комуникации објавува намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за издавање на ограничен број на одобренија за користење на радиофреквенции со цел да овозможи јавна расправа по објавениот број на одобренија за користење на радиофреквенции, стои во објавата од АЕК.
Тендерот ќе биде отворен само за нови оператори, а не и за постојните А1 Македонија и Македонски Телеком. Почетната цена за фреквенциите е од 1,5 до 4,2 милиони евра, а дозволите ќе важат 8 до 12 години.
Писма за интерес се поднесуваат до 16 мај. Новиот оператор ќе треба до 2032 година да обезбеди 5G покриеност низ целата држава.
Вицепремиерот Николовски оцени дека влезот на 4иГ ќе значи крај на дуополот и пониски цени за корисниците.
„Унгарската компанија 4иГ денеска официјално поднесе документи во Агенцијата за електронски комуникации и изразија интерес за трет мобилен оператор. Сега веќе АЕК треба да ја води постапката. Се надевам дека ќе оди во правилна насока и дека конечно овој дуопол кој што го имаме на пазарот, два оператора, кои што буквално ги цицаат македонските граѓани, ќе биде разбиен и ќе може да имаме трет оператор кој што ќе понуди услуги за помалку пари“, изјави Николоски.
Фото – Flickr