Европската Комисија денеска одлучи да ги казни американските технолошки гиганти Apple и Meta поради кршење на европските правила за конкуренција.
Apple е казнет со 500 милиони евра поради обврски кои произлегуваат од Законот за европските дигитални пазари, односно нефер услови во App Store, а Мета, сопственик на Facebook и Instagram, е казнет со 200 милиони евра поради прекршување на обврската да им се овозможи на потрошувачите да изберат услуга што користи помалку од нивните лични податоци.
Ова се првите санкции воведени според новата европска регулатива за дигитални пазари (DMA), која стапи на сила минатата година за да се запре злоупотребата на доминацијата од страна на технолошките гиганти. Овие одлуки беа донесени во многу деликатен момент за трансатлантските односи, додека Европската комисија преговара со американската администрација за укинување на царините.
Американската администрација смета дека овие европски регулативи се нетарифни бариери за пристапот на американските компании до европскиот пазар. Од друга страна, Европската комисија се одлучи за овие санкции бидејќи тие се прекршување на прописите што самата ги предложи и секако би била изложена на остри критики доколку на преговарачка маса го ставила почитувањето на правилата за царините, што го бараат Американците.
Сепак, изречените казни се многу скромни, што може да се протолкува како желба на Комисијата да не го налути премногу американскиот претседател Доналд Трамп. Но, казните би можеле да достигнат многу големи суми доколку Apple и Meta не покажат добра волја и во рок од 60 дена не ги отстранат причините поради кои сега се казнети. „Епл и Мета се обврзани да се усогласат со одлуките на Комисијата во рок од 60 дена или ризикуваат периодични плаќања на казни“, соопшти Комисијата.
Фото – Norske leksikon