Со повеќе од 400 учесници, инспиративни говорници, динамични работилници и доделување на првите Socialize Awards, фестивалот постави нови стандарди во дигиталната индустрија.
Скопје, 25 април 2025 – Вчера, во хотелот Александар Палас, се одржа првото издание на фестивалот за дигитална креативност и технологии „Socialize 2025“, кој ги собра највлијателните експерти од македонската и регионалната сцена на дигиталниот маркетинг, технологиите и креативната индустрија. Фестивалот, кој пулсираше со креативна енергија, иновации и инспиративни идеи, го посетија над 400 учесници, меѓу кои маркетинг професионалци, технолошки експерти, претприемачи, инфлуенсери, контент креатори, студенти и ентузијасти од различни сфери на дигиталниот и технолошкиот свет.
Со темата „Локални ѕвезди со глобални успеси“, конференцискиот дел на фестивалот понуди богата и квалитетна агенда исполнета со инспиративни говори, панел дискусии и ексклузивни презентации за најновите трендови во маркетингот, моќта на LinkedIn, тајните на виралните TikTok видеа, подемот на Creator CEO, контроверзната тема за инфлуенсери наспроти креатори на содржина, револуцијата наречена BNPL (Buy now, pay later), важноста на UX и содржината, примената на вештачката интелигенција, законската регулација на инфлуенсерите и неверојатни приказни за раст и скалирање.
Особено внимание привлече настапот на Јасмин Алиќ, меѓународно признат LinkedIn експерт и копирајтер, чие искуство и совети за дигитален раст беа од огромна вредност за присутните. Тој ја воодушеви публиката со своето предавање „Психологијата зад високо-конвертирачките објави на LinkedIn“, нудејќи длабок увид во стратегиите за изградба на влијание на оваа професионална мрежа.

Во рамките на конференцискиот дел на фестивалот, за прв пат беше презентирана ексклузивна и сеопфатна анализа на дејноста на маркетинг агенциите во Македонија, подготвена од водечката платформа за бизнис интелигенција и финансиска анализа – Бизнис Мрежа. Оваа анализа обезбеди уникатен увид во клучни макроекономски показатели, сегментација на агенциите, нивниот економски придонес и одржливоста на стартапите во оваа индустрија.
Преку интерактивни работилници организирани во експо зоната на фестивалот, учесниците добија директен увид во процесот на креирање видео контент со најпознатите македонски и регионални контент креатори и инфлуенсери, учеа за UX/UI дизајн, мобилни апликации и нови дигитални алатки, а фестивалот се претвори и во центар за вмрежување со посебни speed dating сесии, каде што се создаваа нови партнерства, идеи и можности за работа.
Круна на настанот беше свеченото доделување на првите Socialize Awards – награди кои ги препознаваат и наградуваат најиновативните проекти, креативни кампањи и влијателни дигитални креатори во Македонија. Стручна жири комисија, составена од 17 реномирани експерти од областа на дигиталниот маркетинг и технологиите, ги избра најдобрите во 10 категории, по внимателен избор меѓу повеќе од 80 исклучителни пријави што се истакнаа по својата креативност и иновативност.
Во продолжение се добитниците на наградите Socialize Awards:
- Најдобар UI/UX дизајн: Телеком МК
- Најдобра мобилна апликација: Телеком МК
- Најдобар поткаст: Startup Revolution – СТАРТАП КЛУБ
- Инфлуенсер на годината: Готвиме со Фичо – Филип Поповски
- Дигитален дизајн на годината: Халк EZ – Халкбанк
- Ѕвезда во подем на социјалните медиуми: Сакаш.мк – Гордан Миленковски
- Најдобро кратко маркетинг видео: Fidesmo pay – Халкбанк
- Најкреативна кампања на социјалните медиуми: Start-Up Package – Халкбанк
- Најдобра општествено одговорна кампања: Крени глас против врсничко насилство – New Moment New Ideas Company
- Регионален дигитален микс: Имлек Протеин – Млекара АД Битола


Посебен момент на вечерта беше доделувањето на наградата за дигитална хуманост, признание кое не се доделува врз основа на конкуренција, туку според вредности, влијание и човечност. Со стоечки овации, публиката ја поздрави платформата #SupportKocani, која во најтешките мигови ја мобилизираше дигиталната заедница, инспирираше акција и покажа дека дигиталниот свет може да биде извор на вистинска солидарност.
„Со одржувањето на Socialize 2025 ја покажавме силата и потенцијалот на македонската дигитална сцена. Горди сме што фестивалот стана важна платформа за поврзување, инспирација и признание на најдобрите во индустријата. Големиот одѕив ни покажува дека интересот за дигитални иновации и креативност е на високо ниво. Во иднина, продолжуваме да ја инспирираме, едуцираме и поврзуваме дигиталната заедница, придонесувајќи кон понатамошниот раст и развој на индустријата, како во земјата, така и во регионот.“, истакнаа организаторите на фестивалот.
Со ветување дека следната година ќе биде уште поголем и повозбудлив, фестивалот за дигитална креативност и технологии „Socialize“ го зацврсти своето место како клучен настан за дигиталната иднина на Македонија и регионот.
Сите информации за фестивалот Socialize 2025 може да се погледнат на официјалната веб страница socialize.mk.