Минатата година во светот имало 23,4 милиони милионери, најмногу досега, според Извештајот за светското богатство, објавен оваа недела од консултантската и аналитичката фирма „Капџемини“.
Нивните финансиски средства, исто така, достигнаа нов рекорд, имено 90.500 милијарди американски долари, објави германската новинска агенција ДПА.
Според резултатите од извештајот, бројот на богати поединци (лица со висока нето вредност – оние кои имаат повеќе од еден милион евра ликвидни средства што можат да се користат за инвестиции) се зголемил за 2,6 проценти на 23,4 милиони минатата година. Нивните финансиски средства, пак, се зголемиле за 4,2 проценти во споредба со претходната година на околу 90,5 трилиони долари, што е околу 79,4 милијарди евра по тековниот девизен курс.
Според ДПА, обете бројки се највисоки откако „Капџемини“ започна да спроведува истражувања во 1997 година. Минатата година, француската консултантска и аналитичка фирма регистрираше рекорден број богати луѓе со рекордно висок имот. Растот на бројот на таканаречени милионери од долари е во голема мера поттикнат од растот на берзите.
Соединетите Американски Држави сè уште имаат најмногу милионери, со речиси осум милиони, или 562.000 повеќе отколку пред една година. Јапонија следи со нешто помалку од четири милиони, односно 210.000 повеќе отколку во 2023 година. Германија го освои третото место со 1,6 милиони милионери во долари минатата година. Тој број се намали за 41.000, што „Капџемини“ го припишува на падот на вредноста на недвижностите.
Извештајот, исто така, покажува дека минатата година во Европа имало вкупно 5,7 милиони милионери во долари, што е за 2,1 процент помалку од претходната година.
Фото – Pexels