Министерката за образование и наука Весна Јаневска информираше дека работна група на Министерството за образование и наука (МОН) со професори од факултети по информатика, работи на подготовка на документ со насоки и посебни препораки за наставниците и учениците за примена на генеративна вештачка интелигенција во процесот на образованието.
„Во процесот на дигитална трансформација на образовниот систем, интеграцијата на вештачката интелигенција претставува следен, логичен чекор кој значително ќе го унапреди квалитетот, ефикасноста и инклузивноста на образованието во Македонија. Внимателно планираме и преку стратешки пристап постепено ќе ја имплементираме оваа технолошка иновација во начинот на учење, спроведување на наставата и генерално во развојот на човечките ресурси“, истакна Јаневска на Меѓународниот самит за образовни технологии кој се одржува во Истанбул од 20 до 22 јуни во организација на Министерството за национално образование и наука на Република Турција.
Министерката посочи дека воведувањето на вештачката интелигенција во основното образование е првиот и најкритичен чекор. Според неа, децата прво треба да стекнат основно разбирање што е вештачката интелигенција, како функционира, каде се среќава во секојдневието и дека треба да се фокусираат на нејзиниот етички пристап.
„Препознаваме дека вештачката интелигенција не треба да го замени човечкиот фактор во образованието, туку да го дополни и унапреди, создавајќи услови за персонализирано учење кое ќе одговори на индивидуалните потреби на секој ученик, студент и наставник. Оваа технологија треба да ни овозможи да создадеме образовна средина каде што секој поединец може да го развие својот потенцијал до максимум, независно од неговите почетни способности или социо-економски услови“, рече Јаневска.
Министерката тврди и дека најголем дел од услугите кои ги нуди образовниот систем, како запишување на ученици во основно и средно училиште, нострификација на дипломи стекнати во странство, доделување на ученички и студентски стипендии, сместување во ученички и студентски домови и аплицирање на конкурси од областа на науката се дигитализаирани. Воспоставен е систем за учење на далечина, а етапно се воведуваат и дигитални интерактивни учебници. Исто така, како што рече, училиштата се опремуваат со современа ИТ опрема за безбеден интернет и креативна настава, а наставниците посетуваат обуки за да одговорат на дигиталните предизвици.
Извор – Радио МОФ
Фото – CCNull