Македонските информатичарки се вратија со бронза од Германија

- Advertisement -

Македонските ученички – информатичарки трета година по ред се оние коишто го успешно ја претставуваат Македонија на меѓународните олимпијади по информатика. На петтата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2025), која од 14-ти до 20-ти јули се одржува во Бон, Германија, нашите ученички остварија уште еден одличен резултат, освојувајќи бронзен медал.

ронзениот медал за Македонија на ова значајно меѓународно натпреварување го освои Сара Стефановска од Крива Паланка, а достоен резултат постигна и Антонела Владева од Свети Николе, освојувајќи олимписка пофалница. И останатите две членки на македонскиот тим, Елена Трифуноска од Тетово и Јагода Панова од Струмица, имаа солидно претставување. Вклучувајќи го и овој бронзен медал, македонските ученички на досегашните пет изданија на ЕОИД имаат освоено вкупно 1 сребрен и 7 бронзени медали.

- Advertisement -

Тимот е предводен од Миле Јованов и Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), факултет кој со своите ресурси редовно ги поддржува активностите на Здружението на информатичарите на Македонија и организацијата на натпреварите по информатика. Оваа година се одржа 36-тиот циклус натпревари преку кој беа избрани и учесничките за оваа олимпијада. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е натпревар во програмирање, наменет само за ученички – средношколки од државите во Европа, кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. Целта на ЕОИД е да го поттикне учеството и присуството на девојките во областа на информатиката, овозможувајќи простор каде што талентираните ученички можат да ги демонстрираат своите способности и да се натпреваруваат на меѓународна сцена. Оваа олимпијада има значајна улога во мотивирањето на повеќе девојки да се одлучат за кариера во компјутерските науки и слични области, каде што жените сè уште се малку застапени. Преку создавање на средина што нуди поддршка и предизвик, ЕОИД настојува да ги инспирира и охрабри младите жени да напредуваат и да се истакнат во полето на информатиката.

- Advertisement -

Следната, шеста по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2026) ќе се одржи идната година, во Италија. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е централниот натпревар, односно Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) во Сукре, Боливија, која ќе се одржи од 27-ми јули до 3-ти август.

Сподели!
- Advertisement -