Словенија официјално достави понуда до Хрватска за заедничка изградба на втора нуклеарна централа во Кршко, но содржината на предлогот значително отстапува од сегашниот модел за постојната нуклеарна централа, каде што двете земји имаат еднаков удел од 50 проценти.
Kaко што пишуваат хрватските медиуми со документот, на кој Хрватска мора да одговори до крајот на септември или најдоцна почетокот на октомври, на Загреб му се нуди само 25 проценти сопственост на идната електрана, пишува Нови лист. Покрај тоа, хрватскиот партнер нема да има право да учествува во донесувањето клучни одлуки. Другата четвртина би ѝ припаѓала на словенечката државна компанија ГЕН, додека словенечката влада би имала контролен удел од 51 процент.
Најспорната ставка е дека Хрватска, и покрај сосопственоста, би била спречена да земе дел од произведената енергија. Наместо тоа, би добивала само една четвртина од профитот од продажбата на електрична енергија, која би се распределувала исклучиво на словенечкиот пазар.
Претседателот на Хрватското нуклеарно друштво, Давор Гргиќ, остро реагираше на предлогот: „Хрватската страна треба да го отфрли таков предлог“, рече тој, нагласувајќи дека би било покорисно за Словенија да понуди продолжување на моделот во кој секоја страна ја користи произведената енергија според сопствените потреби.
Гргиќ додава дека само заработката не е клучна за Хрватска: „Не ни треба профит од продажбата на електрична енергија, ни треба електрична енергија што владата потоа може да ја користи, на пример, како субвенционирана енергија за социјално загрозените и слично“.
Нови лист потсетува дека пред помалку од три месеци, хрватскиот и словенечкиот премиер се сретнаа во Виница и во таа пригода изразија подготвеност за заедничка изградба на нова нуклеарна централа. Деталите за структурата на сопственост не беа споменати во тоа време.
Минатата недела, министерот за економија Анте Шушњар изјави дека „сака да никне нуклеарна централа на хрватска почва“. Само еден ден подоцна, прашањето за можна изградба на нуклеарна централа на местото на денешната термоцентрала Пломин веќе беше отворено во Парламентот. Претставникот на IDS, Далибор Паус, побара јасна потврда дали Владата ја разгледува таа опција.
Министерот одговори дека конкретните локации треба да ги одлучи струката, потсетувајќи дека термоцентралата Пломин мора да биде затворена до 2032/33 година. „Сепак, што се однесува до безбедноста на снабдувањето со електрична енергија, Владата и Министерството се грижат за тоа, а струката е таа што ќе каже дали таму може да се изгради нешто во однос на мал модуларен реактор“, додаде Шушњар.
Експертите потсетуваат дека единственото подрачје за кое постојат комплетни студии поврзани со изградба на нуклеарна централа е Привлака кај Иваниќ. Во времето на поранешна Југославија, се разгледуваше и Ердут, каде што беше планирана нуклеарна централа под името „Славонија“, но проектот беше суспендиран по распадот на федерацијата.
„Различни опции се во игра и ниту една од нив не е дефинирана. Единственото нешто што е сигурно е дека Кршко ќе престане да работи во 2043 година и дека во следните 20 години Хрватска ќе мора внимателно да размисли, да се подготви и да одмери која е најдобрата опција за неа – Кршко 2, сопствена нуклеарна централа или серија мали реактори, и секој од нив е добар за Хрватска“, вели Тадиќ. Тој исто така нагласува дека нуклеарната енергија треба да престане да се перцепира како закана бидејќи, во комбинација со обновливи извори, таа е клучна за декарбонизација, што е и цел на Европската Унија.
Фото – Pxhere