Битола го прослави векот на авијацијата

- Advertisement -

Овој викенд, на спортскиот аеродром на Аеро клубот “Мирко Тодоровски” небото беше сведок на еден јубилеј што не се мери во години, туку во летови.

Се славеа 100 години авијација во Битола, еден век од првите летови, првите храбри обиди да се победи гравитацијата и првите луѓе кои верувале дека сонот има крила. Според архивата, првите летови над Битола се регистрирани во 1925 година.

- Advertisement -

Во тоа време, леталата биле симбол на модерност и надеж, а во 1935 година е воспоставена редовна авионска линија Белград – Ниш – Скопје – Битола – Солун — како линија што ја поврзала Битола со небото и светот.

Свечената академија се одржа под мотото „Столетие“, со присуство на гости од земјата и странство, пилоти, падобранци, љубители на воздухопловството и битолчани кои со погледите повторно го бараа она чувство на гордост.

- Advertisement -

„Нашите клубови повеќе од три децении живеа без институционална поддршка, без помош, но не и без љубов. Овде сите сме волонтери во име на сонот. И иако оставени на ветрометина, успеваме да го одржуваме воздухопловството во живот. Денес работите се менуваат.“ – истакна Вања Атанасов, претседател на клубот.

Тој ја спомена и плејадата луѓе што го држат клубот жив:

- Advertisement -

„Столб на клубот е Васко Михалчев, кој 45 години е активен член и ние му должиме огромна благодарност. Ги почитуваме сите генерации – од највозрасните членови, Јован Свидерски и Благој Атанасов, кои имаат по 87 години, до најмладата членка, 17-годишната Марија Котевска. Тоа е нашиот временски лак – од спомен до иднина.“

Но Вања, не можеше ни да сонува дека точно на денот н прославата клубот ќе добие 100 нови членови кои доброволно платија членарина и се зачленија. Со тоа може да се каже дека клубот има одлична иднина.

Еден од највпечатливите говори беше на Игор Божиновски, вљубеник во небото, поранешен претседател и човек кој последните две децении ја обновува традицијата на клубот.

„Во овие 100 години, Битола не еднаш се симна од небото, но секогаш повторно полетуваше. Воздухопловството не е хоби, туку став кон животот: да го гледаш светот од перспектива што ги менува сите граници. Нашиот клуб не е институција – тоа е еден собир на луѓе што го сакаат небото повеќе од комфорот на земјата.“

Настанот го отвори и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, кој со зборови на почит го поздрави векот на македонското воздухопловство:

„Ова не е само прослава на еден клуб, туку и приказна за Европа што се градела од храброст и визија. Секоја мала авијациска приказна е дел од поголема човечка амбиција…да се поврземе, да не останеме ограничени.“

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање се наврати на своето детство години кога со неговиот татко, познатиот офталмолог д-р Драги Коњановски доаѓал на ова исто и го набљудувал како прави очни прегледи за пилотите. Во неговиот говор зборуваше за тие негови први спомени од спортскиот аеродром. Но и ги изненади присутните со една вест:

„Општина Битола издвојува значителни средства за спорт, но овој клуб заслужува посебно внимание. Ќе доделиме 10 стипендии за целосна обука на ученици кои сакаат да летаат со едрилица. Тоа е инвестиција во иднината во генерации што ќе продолжат да гледаат нагоре.“

По свечената академија беше откриена спомен-плоча посветена на славните битолски воздухопловци, а во хангарот беше поставена изложба на фотографии, документи и модели што ја раскажуваат историјата на битолското небо.

Денот заврши како што и треба со надлетувања, едрилици, моторни летови, детски насмевки и многу музика што ја спои авијацијата со урбаната култура на денешницата.

Во публиката имаше семејства, љубопитни деца, старите членови што се прегрнуваа по долги години и оние што допрва ќе ја почнат својата приказна со небото.

11 октомври, 2025 само не потсети дека љубовта кон небото не старее.

И како што рече еден од најстарите членови, со поглед кон хоризонтот:

„Секој лет е мал подвиг. Но секое слетување овде, во Битола, е враќање дома.“

Фотографка | Кети Талевска Бакревска

Сподели!
- Advertisement -