Во текот на третиот квартал од годинава, највисоката цена постигната за стан по квадратен метар изнесува 189.231 денари, односно 280.000 евра за вкупна површина од 91 квадратен метар, лоциран во општина Центар. За еден квадратен метар биле платени 3.000 евра, како што покажуваат денеска публикуваните податоци од Агенцијата за катастар на недвижности.
Во Регистарот на цени и закупнини, во периодот од јули до септември 2025 година, на целата територија на државата регистрирани се 845 новоизградени апартмани, односно станови од инвеститор, што е за 169 апартмани повеќе во споредба со вториот квартал од 2025 година.
Исто така, во Агенцијата за катастар на недвижности досега се евидентирани 26.463 листови за предбележување градба што навестува дека овие објекти се во фаза на изградба и наскоро ќе бидат достапни на пазарот на недвижности. Од евидентираните 937 трансакции од инвеститор во Регистарот на цени и закупнини во третиот квартал, 845 се однесуваат на станови, 89 на куќи, а две продажби се за гаражи.
Доколку се направи споредба на продажбата на новоградбите, односно продажбите од инвеститор (стан, куќа, деловен простор, гаража и слично), од третиот квартал со вториот квартал од годинава, каде што се регистрирани 754 такви трансакции, се забележува пораст од 183 продадени новоградби во третото тримесечие.
Исто така, ако се изврши компарација на продажбата на новоизградени станови во овој квартал со вториот квартал од 2025 година, каде што се регистрирани 676 продажби на станови од страна на инвеститор, односно продажби на нови станови, тогаш се забележува пораст во третиот квартал од 2025 година, и тоа за 169 продадени новоизградени станови.
Анализирајќи ја купопродажбата на недвижностите според типот, може да се констатира дека најголемиот дел (32%) од трансакциите се однесуваат на купопродажба на станови. Најголем број продадени станови евидентирани во Регистарот на цени и закупнини има во општина Аеродром, 275 станови, а Битола предничи со најмногу продадени куќи, 71. Од скопските општини во третиот квартал во Центар се продадени 236 станови, 133 во Чаир, 121 во Гази Баба, 114 во Кисела Вода, 103 во Карпош.
Најмногу продажби на деловен простор има во општините Аеродром и Центар каде што се продадени по 22 вакви недвижности.
Фото – Unsplash