Главниот технолошки директор на кинеската компанија Lonvi Biosciences во Шенжен, Лиу Цингхуа, изјави дека, благодарение на резултатите од најновите истражувања, во наредните години никој нема да страда од рак и дека живеењето до 150 години ќе стане реалност.
„Да се живее до 150 години е дефинитивно остварлива цел. За неколку години тоа ќе биде реалност. За пет до 10 години никој нема да заболи од рак“, рече Цингхуа.
Нивниот оптимизам се темели на развојот на нов лек кој покажал импресивни резултати во лабораториските студии, а компанијата предводена од Цингхуа тврди дека има изолирано молекули способни да убиваат зомби клетки и клетки кои стареат и не умираат, туку ги оштетуваат здравите клетки, како и дека пронашла начин да произведува капсули со високи концентрации на овие молекули.
„Ова не е само уште едно апче. Тоа е Светиот грал“, рече извршниот директор на Lonvi Biosciences, Ип Зуо, кој е познат под псевдонимот Зико.
Компанијата верува дека нивнните апчиња, во комбинација со здрав начин на живот и квалитетна здравствена заштита, можат да им помогнат на луѓето да живеат од 100 до 120 години. Дејвид Фурман, вонреден професор на Институтот Бак, биомедицински истражувачки центар во Калифорнија кој го проучува стареењето, рече дека кинеските апчиња изгледаат ветувачки, но треба да се тестираат во големи клинички испитувања.
Кинеските компании се во првите редови на истражувањата против стареење, а покрај екстрактот од семки од грозје, компаниите се фокусираат и на гоџи бобинки, криогени и хипербарични комори и други уреди.
Lonvi Biosciences, со седиште во јужниот кинески град Шенжен, разви апче против стареење базирано на соединение наречено процијанидин C1, или PCC1, кое се наоѓа во екстракт од семки од грозје. Претходно, научници од Шангај открија дека PCC1 го зголемува животниот век на глувците за речиси 10% со селективно уништување на старите клетки и клетките кои стареат и заштита на здравите.
(Euronews/New York Times)
(фото: youngnradiant)



