Денес во Скопје се одржува Едукативниот форум организиран од Универзитет Американ Колеџ Скопје (УАКС), под мотото „Образование за иднината“. Едукативниот форум се организира по повод одбележувањето на 20-годишниот јубилеј на УАКС и претставува значаен настан каде водечки меѓународни и домашни професори и истражувачи, експерти, креатори на политики, партнери и студенти ќе дискутираат за најважните предизвици и можности во современото и образованието на иднината. Настанот ја реафирмира улогата на УАКС како лидер во приватното високо образование во земјата и институција која веќе две децении го обединува американскиот пристап кон динамично, современо образование со европскиот академски квалитет.
Форумот го отвори Ректорката на УАКС, проф. д-р Венера Крлиу, која во своето свечено обраќање се осврна на значајниот јубилеј на Универзитетот и ја нагласи важноста на образованието како двигател на општеството и централната улога на универзитетите во креирањето на идните генерации лидери: „Изминатите две децении, УАКС се позиционираше како лидер во приватното високо образование во земјата. Нашиот пристап, втемелен во иновативна методологија за работа, интернационализација и фокус на развојот на студентите, им овозможи на илјадници млади луѓе низ годините да се позиционираат како лидери во бизнисот, дипломатијата, јавниот сектор, технологијата и граѓанското општество.” – истакна ректорката Крлиу.
Осврнувајќи се на идните планови на УАКС, таа посочи: „Денес, јасно гледаме дека иднината бара образование кое е интердисциплинарно, интернационализирано, дигитализирано, флексибилно, но и длабоко ориентирано кон луѓето и нивните потреби. Универзитетите мора пред сѐ да ги постават основите за континуирано учење и развој за своите студенти, а потоа и да ги научат како да размислуваат критички, да соработуваат и да иновираат во свет кој што постојано се менува. Во таа насока, УАКС ќе продолжи да инвестира во современи методи на учење, дигитална трансформација, иновации и градење вештини корисни во бизнисот и јавниот сектор и општеството во целина. Остануваме отворени и подготвени за соработка со институциите и партнерите, затоа што длабоко веруваме дека токму образовани и подготвени млади луѓе се темелот на развојот на нашата земја.“ – потенцираше ректорката Крлиу.
Свое свечено обраќање имаше и Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Африм Гаши, кој ја истакна значајната улога на високото образование во националниот развој, општествената кохезија и подготовката на младите за современите глобални предизвици: „Високото образование е најважниот капитал на едно општество и држава, бидејќи сите области од јавниот живот зависат од неговиот квалитет. Образованието на утрешнината нè соочува со нови предизвици на дигитализација, но и креативност, како и соработка што бара и очекува одговорно лидерство. Универзитетите на нашето време мора да подготват граѓани способни да ги водат промените, а не само да ги следат. Во оваа мисија, академската заедница е фундаментален фактор за економски развој, иновации и европска интеграција. Универзитетот е срцето што го храни знаењето во телото на општеството – каде што се раѓаат идеи што го овозможуваат заедничкиот напредок.”, истакна претседателот на Собранието Гаши.

Осврнувајќи се на достигнувањата на УАКС како лидер во високото образование во земјата, претседателот на Собранието Гаши посочи: „Изминатите две децении, Универзитетот Американ Колеџ Скопје беше пионер во усвојувањето и употребата на меѓународните стандарди за квалитет во високото образование, градејќи добри образовни мостови помеѓу американскиот и европскиот пристап кон образованието. Ова овозможи напредна филозофија на учење што не се заснова на квантитет, туку на квалитет, на критичко размислување, креативност и интегритет. УАКС останува пример за визија, партнерство и вредности што треба да се негуваат и во следните 20 години.” – потенцираше претседателот на Собранието Гаши.
Едукативниот форум ќе се фокусира на дискусии за тоа како образованието ќе изгледа во наредните децении и како тоа може да се трансформра и адаптира на технолошките и општествени промени, со фокус дигиталната писменост, критичкото размислување, креативноста и флексибилноста. Воедно, ќе се дискутира и за улогата на вештачката интелигенција, како и за знаењата и вештините кои ќе бидат најпотребни за младите во иднина, и секако, како академијата, бизнисот и институциите можат заеднички да поттикнат развој во општеството.
Со Форумот, УАКС повторно ја нагласува својата стратешка насока: вложување во иновации, дигитални компетенции, негување критичка мисла, интернационализација и партнерства кои ќе ја зајакнат улогата на УАКС како место каде што се создаваат знаења, политики и практики што го менуваат општеството. УАКС продолжува да ја гради својата позиција како јадро каде што се поврзуваат академијата, бизнисот и институциите – создавајќи образование релевантно за иднината.



