Асоцијацијата за е-трговија (АЕТСМ) објавува јавен повик за бесплатни верификации на е-продавници за стекнување со симболот на доверба во е-трговијата – Беџ за верификуван е-трговец, во рамки на кампањата „Верификувани сега, доверливи секогаш“, која се реализира со поддршка на ИУТЕ Македонија.
Овој јавен повик ќе овозможи 5 микро, мали или средни е-продавници да добијат целосно бесплатна верификација и да ја истакнат својата доверливост пред купувачите. Сите избрани компании ќе добијат и Беџ за верификуван е-трговец, кој ќе можат да го постават на своите веб-страници како јасна ознака за сигурност и транспарентност. Со тоа, тие ќе се приклучат на заедницата од над 80 верификувани е-продавници во земјата.
Дополнително, сите селектирани продавници ќе можат да учествуваат и на еднодневниот едукативен настан E-badge Day, кој ќе се одржи во декември. Настанот обработува важни и актуелни теми за развој и унапредување на е-трговијата, во согласност со потребите на е-продавниците.
Беџот за верификуван е-трговец е видлива ознака која покажува дека станува збор за регистриран правен субјект, е-продавницата е проверена од АЕТСМ според важечките регулативи и е дел од официјалниот Регистар на е-трговци. Овој симбол им помага на купувачите полесно да препознаат сигурни и проверени е-продавници, а компаниите добиваат можност да се издвојат од нелојалната конкуренција и нерегистрираните продавачи.
“Онлајн купувањето станува дел од секојдневието на граѓаните, и поради тоа исклучително е важно потрошувачите да можат брзо и лесно да препознаат на кои е-продавници можат да им веруваат. Токму затоа го развивме Беџот за верификуван е-трговец што претставува симбол дека продавницата е проверена, регистрирана и работи транспарентно. Оваа иницијатива за бесплатно верификување на е-трговците, не е само поддршка за компаниите, туку и чекор кон создавање побезбедна е-трговија во земјата. Колку повеќе едуцираме, информираме и градиме доверба, толку помал простор останува за нелојални практики и за сивата економија. Целта е едноставна – купувачите да се чувствуваат сигурно, а бизнисите што работат чесно да бидат јасно препознаени.“ – изјави претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков.
Погодни за апликација се сите микро, мали и средни компании кои моментално продаваат онлајн и имаат овозможено плаќање на рати преку IUTE Македонија.
„Во Иуте веруваме дека довербата и безбедноста се темелот на успешната е-трговија. Онлајн купувањето станува дел од секојдневието, а Иуте преку “Купи сега, плати подоцна” (Buy Now, Pay Later) – моделот кој пионерски го воведе на пазарот, им овозможува на потрошувачите едноставно, флексибилно, брзо и безбедно искуство, со пораст од 40% во онлајн исплатите само минатата година. Токму затоа го поддржуваме отворениот повик за бесплатни верификации на онлајн продавници, како уште еден чекор кон зрела и транспарентна дигитална економија. Со модерни технологии, автоматски процеси и партнерска соработка, ја градиме иднината во која секој купувач добива сигурно, комфорно и едноставно онлајн искуство.“ – изјави Даниел Јанчевски, раководител на партнерска мрежа во Иуте Македонија.
Аплицирањето е едноставно и целосно онлајн преку следниот линк: https://forms.gle/33M3snBvKicmRkX98
Рокот за аплицирање е до среда, 03.12.2025 година, до 23:59 часот. По завршувањето на рокот, комисија од експерти ќе ги оценува апликациите според однапред утврдени критериуми и ќе избере 5 учесници за бесплатна верификација.
Повеќе информации за јавниот повик и критериумите за аплицирање се достапни овде.



