Престижниот американски весник New York Times ја објави својата официјална листа со 100 најдобри филмови на 21 век, составена врз основа на анкета во која учествувале повеќе од 500 влијателни филмски режисери, актери и критичари од целиот свет.
Секој од учесниците ги избрал своите омилени од филмовите објавени по 1 јануари 2000 година, а резултатот е листа што претставува пресек на современото кино.
На самиот врв на рангирањето е јужнокорејскиот филм Parasite од режисерот Бонг Џун-хо, дело што ја одбележа последната деценија и остави силен белег благодарение на острата социјална критика и беспрекорната режија. Филмот веќе влезе во историјата како прв филм од неанглиско говорно подрачје што го освои Оскарот за најдобар филм.
Веднаш зад него е култниот Mulholland Drive на Дејвид Линч, мрачен и мистериозен филм кој и денес се толкува на безброј начини, додека третото место ѝ припадна на драмата There Will Be Blood, една од најсилните улоги на Даниел Деј-Луис и филм кој ја редефинираше модернат американска епика.
На самиот врв на листата се и поетскиот In the Mood for Love од Вонг Кар-Ваи, како и Moonlight, емотивна приказна за идентитетот, растењето и потрагата по своето место во светот, кој исто така го освои Оскарот за најдобар филм.
Она што ја прави оваа листа особено интересна е нејзината разновидност, која опфаќа филмови од различни жанрови, естетика и култури, од холивудски блокбастери до интимни авторски дела од Азија, Европа и Латинска Америка.
New York Times не само што ги истакнува најуспешните филмови во последните 25 години, туку и потврдува колку глобално и разновидно станало современото кино.
Целосната листа веќе предизвика бројни дискусии меѓу филмските љубители ширум светот, но едно е сигурно – станува збор за избор што долго ќе служи како водич за сите оние кои сакаат да ги разберат и истражат најважните филмски приказни на 21 век.
(Bizlife)
(фото: Instagram)






























