Руската невротехнолошка компанија Neiry објави дека спроведува експерименти со имплантирање на невронски чипови во птици, со цел да ги контролира од далечина.
Компанијата има поддршка од државни средства и блиски врски со институции предводени од Катерина Тихонова, за која западните медиуми објавуваат дека е ќерка на рускиот претседател Владимир Путин.
Според британскиот весник Times, компанијата тестира таканаречени „био-дронови“ од ноември, во кои електродите се имплантираат во мозоците на гулабите што овозможуваат нивното движење да се контролира со надворешни сигнали.
Птиците се опремени со камери, контролни уреди и соларни панели.
„За разлика од традиционалните дронови, биолошките носачи не бараат замена на батериите или чести слетувања, а нивното природно однесување во летот ги прави погодни за долгорочни рути – до 400 км без запирање дневно“, објави компанијата Neiry.
Компанијата тврди дека технологијата има цивилни примени, вклучувајќи пребарување и спасување и следење на индустриски објекти, но експертите предупредуваат дека би можела да има и воени примени, особено во областа на извидувањето.
Компанијата, според истражувачкиот портал Т-инваријант, добила финансиска поддршка „невидена во руската невронаука“, вклучително и од Националната технолошка иницијатива и Фондот Воскход.
Таквите дарежливи средства веројатно се поврзани со партнерството на компанијата со Институтот за вештачка интелигенција на Московскиот државен универзитет, кој го води Катерина Тихонова, 39-годишната втора ќерка на Путин.
Иако Путин никогаш јавно не признал дека Тихонова, или нејзината постара сестра, Марија Воронцова, се негови ќерки, обете жени излегоа од сенките во последните години, објавува британскиот весник.
Извршниот директор на Neiry, Александар Панов, изјави дека технологијата може да се прилагоди на други животински видови, вклучувајќи ги и гавраните, и претходно даде контроверзни јавни изјави за создавање нова фаза од човечката еволуција, која ја опишува како „Хомо супериор“.
Тој пишуваше на социјалните медиуми за можноста за „репрограмирање“ на луѓето, вклучувајќи ги и Украинците.
„Дури и ако само 5-7 милиони корисни луѓе останат во Украина по војната, тие можат да бидат репрограмирани, исто како и повеќето други луѓе, а ова е многу поевтино од создавање и одгледување личност од нашата сопствена култура“, напиша Панов.
Компанијата, исто така, експериментираше со користење на електроди за контрола на крави и стаорци.
(The Times/B92)





























