Olive Garden е првото и засега единственото extra virgin маслиново масло, кое е произведено целосно во Македонија, од нива до трпеза. Маслиновите насади на семејното земјоделско стопансто „Маслинова градина“ на семејството Аврамовски, веќе дваесетина години растат во валандовското село Пирава, каде на 20.000 квадратни метри се засадени над 800 стебла од сортите Chalkidiki, Ascollana и Picual.
Производството, одржувањето, продажбата, маркетингот и доставата се обврски на сите членови на семејството Аврамовски, кои се убедени дека тоа е гаранцијата за квалитет на нивниот производ.
Александар вели дека тие постојано се едуцираат за најновите технологии кои обезбедуваат и највисок квалитет на продуктот. Но, тој вели и дека технологијата е само алатката, бидејќи вистинската тајна на Olive Garden е во страста, традицијата и љубовта кон она што го прави неговото семејство.
Новинар – Сања Наумовска
Александар, раскажете ни ја приказната за Olive Garden-Маслинова градина.
Приказната на Маслиновата градина започна во 2008 година сосема случајно, кога одлучивме да посадиме маслинови дрвја бидејќи живееме во Валандовскиот регион, каде што успеваат медитеранските растенија, поради благата, медитеранска клима. Маслиновите дрвја ги набавивме како едногодишни расади од Грција и од тогаш до сега поминаа 18 години, кои воопшто не беа лесни. Во тој период поминавме многу време во едуцирање, учење, работа и нега на нашите насади и денеска можеме да кажеме дека со нашата истрајност и посветеност, успеавме да ги постигнеме саканите резултати.
Зошто се одлучивте да засадите токму маслинки и да произведувате маслиново масло, како дојде таа идеја?
Производството на маслиново масло беше очекувано, со оглед на тоа дека насадите напредуваа одлично, а ние паралелно размислувавме што ќе правиме со родот. Одлучивме дека сакаме да произведуваме наше маслиново масло и тоа ладно цедено, да создадеме свој бренд, бидејќи бевме убедени во нашата рецептура и во квалитетот на суровината која ја имаме. Од тие причини, во 2023 година направивме производствен и складишен простор, а во 2024 година купивме современи машини и опрема. Првите количини Olive Garden extra virgin маслиново масло, целосно македонски производ, од нива до трпеза, беа произведени во 2024 година.


Може ли да ни го објасните процесот како се произведува првото целосно македонско маслиново масло?
За да добиете квалитетно extra virgin маслиново масло како производ, неопходно е да ги почитувате процесите, кои го овозможуваат тоа. Најнапред потребно е плодовите да се здрави и квалитетни, одгледани со најдобрите достапни практики, нешто на кое ние сме многу посветени, уште од самите почетоци, особено во негата и грижата за нашите дрвца.
Исто така, технолошкиот процес бара плодовите да бидат преработени во период од неколку часа по бербата, на температаура не повисока од 24 степени Целзиусови. И, на крај секако голема улога игра и хигиената и одржувањето на машините и опремата секој ден по завршување со производството. Тоа се минималните и неопходните услови за се направи квалитетно extra virgin маслиново масло, на кои ние секојдневно сме посветени.
Нашето производство е конципирано како бутик производство, односно како производство во ограничени количини, што ни овозможува да го следиме целиот процес од самата берба до финален производ. Тоа е гаранција за квалитетен производ.
Колкави количини произведувате и каде се продаваат?
Имајќи предвид дека за производство на Olive Garden маслиновото масло не вршиме откуп од други производители, туку ги користиме маслинките исклучиво од нашиот насад, мораме да кажеме дека секоја година е различна. Секако, зависи од количините што ги произведуваме, од временските услови во посочената година и од други фактори. Ние сме лоцирани на подрачје каде има медитеранска клима, а секако климатските промени ни се предизвиик и за нас, како и за сите. Засега успеваме да се носиме, користиме нови технологии во процесот на одгледување на маслинките, процесот е отворен и постојано мораме да го следиме и да учиме.
Мора да нагласам дека сме многу среќни што успеавме да го заокружиме целиот процес од нива до готов производ и на тој начин да гарантираме за квалитетот што ќе го понудиме на пазарот.
Маслиновото масло го пакуваме во исклучиво темни стаклени амбалажи од 500 и 750 милилитри и еден литар. Производите се достапни преку нашите профили на Facebook и Instagram – Olive Garden Mk, преку нашата веб-страна olivegarden.mk, како и преку телефонскиот број 070 819 335, 070 234 608 кој е достапен за сите информации и нарачки.
Како се позиционирате на пазарот, која е вашата стратегија во конкуренција на странските продукти?
Нашата цел е да допреме до сите љубителни на квалитетно extra virgin маслиново масло. Нашиот концепт е така поставен каде што во центарот на вниманието е производство на суровина во ограничени количини и со висок квалитет. Квалитетот го докажуваме со анализи од сертифицирана лабараторија во Грција, согласно регулативите на Европската унија. Секако, квалитетот го препознаваат и нашите купувачи, преку препознатливиот вкус на маслиновото масло.

Какви се вашите планови за во иднината? Планирате ли да го зголемувате насадот, производството, да се проширите на други пазари?
Секако, во план ни е да го зголемиме производство на нашето extra virgin маслиново масло. Сепак сакаме да го задржиме типот на бутик производство, како гаранција за кавалитет. Понатаму, во моментов сериозно работиме на промоција на нашето маслиново масло и надвор од границите на нашата земја, бидејќи еден од нашите планови е и освојување на нови пазари.
Освен тоа, остануваме посветени на тоа што го правевме и досега, постојано ќе работиме на наша едукација, а целта ни е да бидеме во тек со последните новини во процесот на производство и складирање на маслиново масло, бидејќи сакаме да бидеме што поблиску до светските стандарди.
































