Пронаоѓањето нови употреби за постојните лекови е побрз, побезбеден и поевтин пристап отколку развивање на целосно нови терапии, а според најновата анализа, лекот за еректилна дисфункција „вијагра“ може да биде еден од најдобрите кандидати за лекување на Алцхајмеровата болест. До овој заклучок дојде панел од експерти кои ги рангираа постојните лекови и вакцини според нивниот потенцијал во заштитата од ова невродегенеративно нарушување, пишува Science Alert.
Панел од 21 експерт внимателно разгледа анонимни предлози, клинички докази и совети од јавноста за да состави список од 80 лекови кои покажуваат ветување во третманот на Алцхајмеровата болест. Преку процес познат како Делфи консензус, кој често се користи во медицината за постигнување договор, на крајот се издвоија три кандидати: „силденафил“ („вијагра“), зоставакс (вакцина против херпес зостер) и „рилузол“ (лек за амиотрофична латерална склероза).
Сите три лекови претходно беа поврзани со превенција на Алцхајмерова болест во студиите, но изборот на експерти претставува значајна потврда за нивниот потенцијал. „Секој од приоритетните кандидати има докази што ги поддржуваат релевантните механизми на дејствување, неклиничките студии и клиничките докази од епидемиолошките студии и/или прелиминарните клинички испитувања“, велат истражувачите во својот труд.
„Толеранцијата на секое од овие соединенија е исто така погодна за употреба кај почувствителна постара популација во добро контролирана програма за клинички испитувања. Затоа го препорачуваме секој од овие терапевтски пристапи како висок приоритет за клинички испитувања за третман или превенција на Алцхајмерова болест“, додаваат тие.
„Силденафилот“ е инхибитор што ги опушта крвните садови и најчесто се користи за стимулирање на ерекција. Претходните студии покажаа дека може да го намали ризикот од Алцхајмерова болест со намалување на акумулацијата на токсичен тау протеин, што е честа појава во мозокот на заболените.
Вакцината против херпес зостер „зоставакс“, заклучи панелот, покажа уште повеќе ветување од „силденафилот“. Иако врската сè уште не е целосно разјаснета, претходните истражувања покажуваат дека вакцината го зајакнува имунолошкиот систем и на тој начин штити од Алцхајмерова болест.
Трет кандидат е „рилузолот“, лек кој спречува невронска смрт со менување на биолошките патишта и намалување на нивоата на мозочни хемикалии претходно поврзани со невродегенеративни заболувања, вклучително и Алцхајмеровата болест.
„Победата над деменцијата ќе бара истражување на сите полиња – од користење на она што веќе го знаеме до откривање нови лекови за лекување и спречување на состојбата. Пренасочувањето на лековите е клучен дел од таа сложувалка и ни помага да го претвориме лекот што го користиме денес за една состојба во терапија за друга утре“ вели Ен Корбет, истражувач за деменција на Универзитетот во Ексетер во Велика Британија.
Колку и да изгледаат ветувачки овие кандидати, сè уште не може да се каже со сигурност дека тие можат да ја спречат или повратат Алцхајмеровата болест кај луѓето. Следната фаза се сеопфатни клинички испитувања кои треба да откријат колку всушност можат да бидат корисни овие третмани. Јасно е дека бројни фактори придонесуваат за развојот на болеста, а разбирањето на нивната меѓусебна поврзаност е голем предизвик за научниците.
Иако голем дел од патологијата на Алцхајмеровата болест останува мистерија, добро е познато дека лековите со пренамена можат да бидат ефикасни за други состојби, што ги зголемува надежите дека истото може да се случи и тука.
„Важно е да се нагласи дека треба да се направат повеќе истражувања пред да можеме да бидеме сигурни дали овие лекови можат да се користат за лекување или спречување на Алцхајмеровата болест. Сега ни се потребни темелни клинички испитувања за да ја разбереме нивната вистинска вредност и со сигурност да утврдиме дали се ефикасни“ вели Корбет.
Истражувањето е објавено во списанието Alzheimer’s Research & Therapy.
(Index.hr)
(фото: Flickr)





























