Промовирана „Везилка“, национална ВИ-платформа на македонски јазик

- Advertisement -

Македонија доби национална платформа за вештачка интелигенција „Везилка“, преку која домашните институции, универзитети, компании и стартапи ќе добијат пристап до европски суперкомпјутери, податоци и експертска поддршка за развој на нови дигитални решенија. Проекто, официјално промовиран денес, го реализира Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ, со поддршка од Министерството за дигитална трансформација. „Везилка“ ќе биде национална антена во европската мрежа на фабрики за вештачка интелигенција и ќе соработува со грчкиот центар „Фарос“.

Ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, истакна дека универзитетот има одговорност да создава услови за развој на нови генерации експерти и истражувачи. „Вештачката интелигенција не е само технолошка алатка, таа претставува трансформативна сила и бара одговорно управување“, истакна Ангелова.

- Advertisement -

Една од клучните цели на проектот е развој на голем јазичен модел и ВИ-алатки на македонски јазик. Според најавите, функционалниот модел треба да биде подготвен до крајот на 2026 година или на почетокот на 2027 година и да биде достапен како решение со отворен код за институциите, компаниите, истражувачите и програмерите.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оцени дека идната конкурентност на државите ќе зависи и од нивниот пристап до современа технолошка инфраструктура.

- Advertisement -

„Идната конкурентност нема да се мери само со патишта, железници, бизниси или фабрики. Таа ќе се мери и со пристап до суперкомпјутери, центри за податоци, бази на податоци, алгоритми и талент. Европската Унија се залага за развој на мрежа и центри ‘AI Factory’ низ цела Европа, инфраструктура која треба да им обезбеди на институциите, стартап бизнисите и европските истражувачи пристап до современи ресурси за вештачка интелигенција“, изјави Андоновски.

Тој посочи дека преку „Везилка“ Македонија ќе добие пристап до суперкомпјутери и центри за податоци, а придобивки треба да имаат и граѓаните, преку побрзи и поефикасни административни услуги.

- Advertisement -

Платформата треба да овозможи развој на системи за пребарување, автоматско преведување, анализа на текстови, дигитализација на документи и виртуелни асистенти на македонски јазик. Предвидена е и соработка со институции што располагаат со големи фондови на македонски текстови и документи, меѓу кои Националната и универзитетска библиотека, МАНУ, Собранието и „Службен весник“.

Вредноста на проектот е 6,5 милиони евра, а финансирањето е обезбедено од државата, факултетите и Европската Унија. „Везилка“ треба да поддржи и ВИ-решенија за здравството, енергетиката, земјоделството и јавната администрација.

Фото – Влада

- Advertisement -