EasyJet постигна начелен договор за потенцијално преземање

- Advertisement -

Британската нискобуџетна авиокомпанија ИзиЏет постигна принципиелен договор со американската инвестициска фирма Касллејк за можна понуда за преземање, вредна околу 5,23 милијарди фунти. Менаџментот на компанијата со седиште во Лутон изјави дека, доколку Касллејк поднесе формална понуда според договорените услови, ќе биде подготвен да ја препорача на акционерите.

Според најновиот предлог, Касллејк нуди 6,90 фунти за акција на ИзиЏет. Тоа е петтата и досега највисока понуда на американската фирма, откако ИзиЏет претходно отфрли четири предлози во вредност од 6,50, 5,60, 6 и 6,25 фунти по акција. Компанијата претходно изјави дека Касллејк се обидува да ја купи „под цената“, искористувајќи го привремениот пад на вредноста на акциите.

- Advertisement -

Сепак, договорот сè уште не значи дека преземањето ќе биде реализирано. Касллејк сега мора да обезбеди регулаторни одобренија и да ги исполни условите потребни за да се заврши трансакцијата. Особено чувствително прашање ќе биде структурата на сопственост, бидејќи EasyJet, како европска авиокомпанија, мора да остане во мнозинска европска сопственост. Според правилата на Европската Унија, најмалку 51 процент од сопственоста на таква компанија мора да биде во рацете на европски субјекти.

Касллејк, која е американска инвестициска фирма, претходно објави дека ќе се обиде да ја структурира трансакцијата за да се усогласи со тоа правило. Американската компанија сега има рок до 3 август во 17 часот по британско време да објави цврста намера да даде понуда или да се повлече од неа. Доколку се поднесе формална понуда, за неа ќе гласаат акционерите на EasyJet.

- Advertisement -

Управниот одбор на EasyJet објави дека финансиските услови на предложената понуда се на ниво што одборот би бил подготвен да им го препорача на акционерите, доколку понудата биде формализирана.

EasyJet е една од најголемите европски авиокомпании. Вработува повеќе од 19.000 луѓе и лета на околу 1.200 рути во 35 европски земји. Компанијата претходно изјави дека цената на нејзините акции е „привремено потисната“, делумно поради влијанието на американско-израелската војна против Иран врз туристичкиот и авијацискиот сектор.

- Advertisement -

Акциите на EasyJet затворија на 5,58 фунти во петокот. Пред да бидат објавени првите информации за можното преземање во јуни, вредноста на акциите на компанијата падна за повеќе од 30 проценти во претходната година.

Касллејк моментално управува со средства во вредност од приближно 36 милијарди долари. Компанијата, преку фондовите што ги управува, веќе има удел од 2,14 проценти во EasyJet.

Во изјава во врска со принципиелниот договор, EasyJet изјави дека Касллејк нагласил „екстремно почитување кон EasyJet и нејзините вработени“, како и намерата да го поддржи идниот раст и трансформација на компанијата во посилна и поотпорна европска авиокомпанија.

(Investitor.me)
Фото – Wikimedia

- Advertisement -