Рекордната цена на аукција за персонализиран модел Luce доаѓа само три месеци по откривањето на првиот целосно електричен автомобил на Ферари. Првиот целосно електричен модел на Ферари сè уште не се појавил на патиштата, но веќе срушил рекорд. Персонализиран модел Luce беше продаден на добротворна аукција за дури 40 милиони долари, станувајќи најскапиот нов автомобил некогаш продаден на аукција.
Рекордната продажба се одржа во аукциската куќа RM Sotheby’s за време на Неделата на автомобили во Монтереј во Калифорнија. Купувачот, чиј идентитет не е откриен, стана сопственик на првата сериска шасија на моделот Luce направена како дел од ексклузивната програма Tailor Made на Ферари, која овозможува автомобилот целосно да се прилагоди според желбите на сопственикот. Сите приходи од продажбата ќе бидат донирани на Фондацијата Ферари, која финансира образовни програми.
Аукцијата доаѓа помалку од три месеци по претставувањето на Luca, првиот целосно електричен автомобил на Ferrari. Почетната цена на серискиот модел е 550.000 евра, но рекордната цена на аукцијата покажува дека ексклузивноста сè уште има голема вредност кај колекционерите.
Влегувањето на Ferrari во сегментот на електрични автомобили не беше без контроверзии. По презентацијата на моделот, аналитичарите го критикуваа неговиот дизајн, а некои инвеститори веруваа дека силниот раст на акциите пред премиерата веќе го исцрпи просторот за понатамошен раст.
За разлика од Ferrari, конкурентите како Porsche и Lamborghini ги забавија плановите за електрификација во последните месеци поради послабата побарувачка за електрични спортски автомобили.
Главниот извршен директор Бенедето Виња изјави дека Ferrari не сака да ја замени постојната понуда со електричниот модел, туку да привлече нова група клиенти, а воедно да ја задржи лојалноста на постојните сопственици.
Најновите деловни резултати покажаа дека побарувачката за луксузните модели на Ferrari не слабее. Компанијата ја зголеми својата прогноза за целата година минатиот месец, откако ги надмина очекувањата на Волстрит во вториот квартал, главно благодарение на поголемата од очекуваната побарувачка за персонализација на возила. Од почетокот на годината, акциите на Ферари на Миланската берза пораснаа за речиси 12 проценти, пишува CNBC.
Фото – Flickr





























