Сингапур започна петгодишна кампања со цел да ги охрабри граѓаните повторно да одвојат време за книги. Програмата „ReadSG“ ги повикува да читаат најмалку 15 минути дневно, а учесниците можат дури и да заработат симболични парични награди.
Кампањата е покрената од Националниот библиотечен одбор на Сингапур (NLB), кој е загрижен поради скратувањето на распонот на внимание и опаѓањето на интересот за содржини што бараат долготрајна концентрација. Идејата е едноставна: читањето да се претвори во секојдневна навика преку поставување цели, собирање поени, виртуелни монети и мали награди.
Учесниците можат да евидентираат една сесија на читање дневно на платформата „CrowdTaskSG“, под услов таа да трае најмалку 15 минути. За секоја таква сесија добиваат 20 виртуелни монети, а за да заработат еден сингапурски долар потребни се 1.000 монети. Тоа значи дека тие заработуваат еден долар по 50 дена читање.
Иако заработката е симболична, парите не се примарната цел на програмата. Организаторите сакаат да им понудат на граѓаните едноставна цел што можат да ја вклопат во своето секојдневие – на пример, за време на возење со автобус, пауза за ручек или пред спиење.
Програмата се спроведува во време на сè почести дискусии за таканареченото „гниење на мозокот“ (brain rot) – термин што се користи за да се опише потенцијалното влијание на прекумерното консумирање површни онлајн содржини врз распонот на внимание и когнитивните навики. Иако Сингапур продолжува да биде на врвот на меѓународните проценки за читачка писменост, експертите забележуваат дека младите сè повеќе го губат интересот за читање од задоволство, бидејќи почнуваат да ги поврзуваат книгите со училишните обврски и испитите.
Кампањата вклучува и хуманитарна компонента. Евидентираните минути читање придонесуваат кон иницијативата „Read for Good“ (Читај за добро), чија цел е оваа година да се соберат 7,5 милиони минути и да се обезбедат до 150.000 сингапурски долари за програми наменети за деца и други ранливи групи.
Предвидено е „ReadSG“ да трае пет години, со почетна цел да се привлечат 150.000 корисници. Програмата беше покрената со поддршка од над 40 владини агенции, образовни организации, медиуми, издавачки куќи и други партнери.
Сепак, кампањата го отвори и прашањето: Дали љубовта кон книгите може да се поттикне преку финансиски стимулации? Додека некои сметаат дека наградите можат да им помогнат на луѓето да изградат навика, други предупредуваат дека читањето треба да биде поттикнато од задоволство и љубопитност, а не само од поени и заработка.
Истражувањата покажуваат дека финансиските стимулации можат да влијаат врз однесувањето, но и да ја поткопаат внатрешната мотивација откако наградата ќе биде укината.
Поради тоа, Сингапур не се потпира само на парични стимулации, туку и на заеднички цели, добротворни иницијативи и чувство на напредок.
(CNN/Lola)
(фото: Pick Pik)






























