Преспа ги поврза младите истражувачи од три земји: културното и природното наследство како заедничка иднина

- Advertisement -

Дванаесет студентски трудови, четири академски институции и тридневна размена на знаења и искуства во рамките на студентската конференција организирана преку проектот ACT4PRESPA.

Во рамките на проектот ACT4PRESPA, поддржан од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“, НУ Завод и музеј Битола успешно реализира трилатерална тридневната студентска конференција „Културното и природното наследство во Преспанскиот Регион како средство за комуникација меѓу вековите – современи перспективи“, која се одржа во Претор.

- Advertisement -

На отворањето на конференцијата се обратија д-р Мери Стојанова, координаторка на проектот ACT4PRESPA; Маргарета Спасов, директорка на НУ Завод и музеј – Битола и Маријана Милевска, проектна менаџерка во УНДП во рамките на програмата „ЕУ за Преспа“. На конференцијата присуствуваа и претставници на партнерските институции вклучени во реализацијата на проектот.

Конференцијата обедини студенти, млади истражувачи и академски претставници од Северна Македонија, Грција и Албанија, со цел да поттикне размена на знаења, интеркултурен дијалог и прекугранична академска соработка. Во рамките на програмата беа презентирани 12  студенски трудови од четири академски институции, посветени на различни аспекти на културното и природното наследство на поширокиот Преспански Регион.

- Advertisement -

Темите опфатија традиционални носии, обичаи и верувања, колективна меморија и локални идентитети, архитектонско наследство и манастирски комплекси, природни вредности, одржлив туризам и можности за прекугранична соработка. Преку презентациите, дискусиите и размената на искуства, учесниците ги разгледуваа предизвиците во зачувувањето на наследството, но и неговиот потенцијал за одржлив развој на регионот.

„Преспа не е само географски простор, туку жив сведок на времето, во кој природата и културата со векови се испреплетуваат. Преку оваа конференција им обезбедивме простор на младите истражувачи да ги согледаат овие вредности од нивна, современа перспектива и поттикнавме нови идеи и иницијативи за заштита и промоција на културното наследство“, истакна д-р Мери Стојанова, координаторка на проектот ACT4PRESPA.

- Advertisement -

Посебен акцент во програмата беше ставен на поврзувањето на академското знаење со практичното искуство. Во рамките на теренската посета на с. Љубојно, како заштитена споменичка целина, учесниците непосредно го истражуваа наследството и дискутираа за можностите за негова заштита, интерпретација и одржливо користење. Овој пристап овозможи поврзување на истражувачките сознанија со локалниот контекст и значењето на наследството за заедниците.

Во конференцијата учествуваа претставници и студенти од Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, Институтот за заштита на архитектонското наследство, историја на архитектурата и уметноста при Архитектонскиот факултет во Скопје, Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча и Одделот за балкански, словенски и ориентални студии при Универзитетот на Македонија, Солун.

Конференцијата е дел од напорите на проектот ACT4PRESPA за јакнење на прекуграничната соработка и промовирање на природното и културното наследство како значаен ресурс за одржливиот социоекономски развој на регионот. Преку вклучувањето на младите истражувачи и академската заедница, се создаваат можности за долгорочни партнерства, заеднички истражувања и идни иницијативи што ги поврзуваат трите земји преку нивното заедничко наследство.

Преспа останува простор во кој минатото, современите истражувања и визиите за иднината се среќаваат, а младите генерации имаат важна улога во зачувувањето и пренесувањето на овие вредности.

Студентската конференција се реализира во рамки на проектот ACT4PRESPA, кој се спроведува во рамките на програмата ЕУ за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, како рестриктивен повик кој се имплементира под EuropeAid/178154/DD/ACT/MK, Инструмент за претпристапна помош за рурален развој, и се однесува на активности кои треба да бидат имплементирани исклучиво во делот на Преспанското Езеро, Република Северна Македонија.

Проектот ACT4PRESPA се спроведува во партнерство меѓу:

–        НУ Завод и музеј – Битола, Северна Македонија (водечки партнер)

–        Граѓанска организација за развој на алтернативен туризам Љубојно, Љубојно (Северна Македонија)

–        Универзитет Аристотел – Солун (Грција)

–        Национален музеј на средновековна уметност – Корча (Албанија)

–        ИДЕЈА ЗА КУЛТУРА (Грција)

- Advertisement -