5G доаѓа во 2020 година! А што всушност е 5G?

- Advertisement -

„Иновативност“ кој минатата недела имаше ексклузивна можност да присуствува на промоција на 5G мрежата на Дојче Телеком, Ви пренесува што всушност е 5G и каде и како ќе се применува во скорешна иднина!

Идната генерација на безжичен пренос на податоци- 5G нема само да ни донесе побрзо отворање на Фејсбук или ултра брзо праќање на фотографии преку Snapchat… Новиот телекомуникациски стандард значи многу, многу повеќе. Тој ќе овозможи концептот на Интернет нешта (Internet of Things) да стане реалност. 5G ќе овозможи, на пример, автономните возила да се најдат на улиците, во реалниот свет и нормално да функционираат, ќе најде примена во теле-медицината, во виртуелната реалност…

Токму во тие нови можности јасно се гледа зошто технологиите од 2G до 4G радикално се разликуваат од петтата генерација. Она што не чека во иднина делумно е нов почеток а делумно пресврт, но дефинитивно не е ништо помалку од револуција.

- Advertisement -

Колку сето ова и да изгледа футуристички и роботизирано, на неодамнешната презентација на 5G во Дојче Телеком, во Берлин, Клаудија Немат, задолжена за технологија и иновации во мултинационлната корпорација, особено го потенцираше моментот дека 5G е технологија за подобрување на човечкиот живот. За креирање основа за поконкурентна економија, побрз пристап до информациите, поефикасна медицина, полесен живот за луѓето ширум светот.

Од презентација во Берлин

Екипата на Иновативност имаше ексклузивна можност да присуствува на настанот во Берлин, каде беа презентирани само дел од можности кои ги отвора 5G. Ви пренесуваме дел.

- Advertisement -

 5G ќе го направи реалност светот на Интернет на нештата!

Автомобили, системи за греење, корпи за отпад… сето тоа во иднина ќе биде поврзано во мрежата со што ќе станат нов предизвик, поголем отколку луѓето како корисници. Што се крие зад 5G? Еве едно поедноставено објаснување.

Секако, брзината е една од клучните предности на 5G, но не и единствената. Првиот чекор кој што ќе го направиме со премин од 4G кон 5G ќе биде далеку посложен од оној кога преминавме од 3G кон 4G. Брзината во комбинација со досегот и респонзивноста на мрежата ќе им дадат сосема поинакво значење на автономните возила, дроновите, виртуелната реалност, интернет на нештата, медицината….

- Advertisement -

Зошто? Затоа што 5G го надминува еден од клучните недостатоци на претходниот телекомуникациски стандард, а тоа е доцнење на сигналот. Кај 5G тоа речиси и не постои поради што ќе бидат можни следниве феномени:

Хируршки интервенции на далечина

Со 5G ќе биде можно хирурзите да прават операција и кога не се  на иста локација со пациентот, токму како резултат на малата латентност, односно, задоцнетост на сигналот, која се мери во микросекунди!

Има компании во светот кои веќе тестираат ракавица опремена со сензори која му овозможува на хирургот преку конзола за виртуелна реалност да врши интервенција притоа задржувајќи го чувството за допир.

Интернет чувства

Хирургијата  е еден пример како може да се вклучи чувството во 5G мрежата. Таа може да се примени во повеќе индустрии, како автомобилската, каде се правата симулации, но и во реалната индустрија при надзор на роботи на производна лента.

Автономни возила

Иако повеќе големи автомобилски гиганти инвестираат во развој на автономни возила, голем дел од оваа индустрија не верува дека целосно автономни возила се можни без стабилна 5G мрежа, која на возилата ќе им овозможи комуникација без застанување и можност за работа на сензорите кои ќе ги следат знаците, сигнализацијата и слично. Само со 5G автономните возила учесниците во сообраќајот може да бидат безбедни.

Дронови  

5G мрежата ќе овозможи прецизно управување и фантастично брз пренос на податоци кои ќе овозможат дроновите да ги користиме за надзор на нафтени платформи, на пример, со видео надзор, како и нивна поефикасна примена во земјоделието.

Виртуелна реалност

Како што беше прикажано и во Берлин, имплементацијата на 5G во уредите за виртуелна и засилена реалност може да има многу широка примена. Намаленото време за пренос на информациите ќего острани и сегашниот недостаток, а тоа е чувството на вртоглавица и мачнина од примена на овие уреди.
На пример, беше презентирана можноста, при вработување на нови техничари во некоја компанија, истите обуката да ја добиваат преку овие уреди за виртуелна реалност која им симулира реална работна средина и реални активности кои тие во иднина ќе треба да ги работат.

Роботи

Во Берлин имавме можност да ја посетиме иновативната лабораторија за роботика на Дојче Телеком. Всушност еден од роботите развиени токму во оваа лабораторија, кој што го гледате на сликава, ни посака топло добредојде. Развојниот тим во оваа лабораторија всушност развива роботи кои веќе наоѓаат и конкретна примена во супермаркети и авто-салони каде освен за забава служи и за помош во малопродажба. Освен тоа, во T-labs се развиваат и роботи за индустриска употреба, како на пример надзор над работата на фабрички ленти. Во овој иновативен тим се особено горди што развиваат и таканаречени multipurpose environmental social robots, кои имаат многу пософистицирана употреба како помош за луѓето кои се во болница или во некаков процес на рехабилитација. Она на што се фокусира овој тим всушност е развој на интелигенција за роботите, која се складира на клауд користејќи ги предностите на 5G!

 

Нови 5G уреди

Целта на 5G е да воспостави баланс и да овозможи соодветен мрежен капацитет за сите различни корисници на мрежата. Тоа не може да се постигне со едноставно додавање технологија на тоа што веќе постои. Концептуалниот дизајн на кој е поставена новата технологија, но и целата постојна инфраструктура сега мора да се смени“, децидни се од Дојче Телеком.

За да можат да се искористат предностите ки ги нуди на 5G мрежата ќе биде неопходно да се користат нови уреди, односно мобилни телефони со 4 антени, кои во моментов ги развива компанијата Huawei, како и специјални интелигентни наочари кои нема да бидат посебни, гломазни и тешки уреди, туку едноставно обични наочари чија што компјутерска интелигенција е поставена во облак.

Минатата недела, во Берлин, во„Digital Innovation Arena“ на Дојче Телеком, се случи технолошка револуција. Пред новинари од цела Европа и пред технолошката јавност беше презентирана новата 5G технологија во реална средина, а не во лабораториски услови!

Новата 5G мрежа достигнува брзина од над 2 гигабита во секунда до краен корисник и заостанување на преносот на информации  од само 3 милисекунди. Токму брзината на пренос и малото заостанување се клучните карактеристики на 5G, технологија на која се посветени  иновативните капацитети на Дојче Телеком во моментов. Од компанијата најавуваат дека комерцијално новата технологија во Европа ќе биде во употреба во 2020 година.

Каде е Македонија во целава приказна?

На прашањето на Иновативност, кој имаше ексклузивна можност да присуствува на овој настан во Берлин, „Што ќе значи 5G за мали земји како Македонија?“ Клаудија Немат рече:

“Придобивките од 5Г технологијата се исти како за големите така и за малите земји во однос  на олеснување на бизнис операциите. Македонија треба да го извлече максимумот од оваа технологија како што тоа го направи кога стана првата земја во Европа со технологија целосно базирана на Интернет протокол”.

Практично 5G технологијата ги брише разликите меѓу земјите, меѓу компаниите и им дава компаративна предност на глобалниот пазар со користење на новата технологија.

Македонија е земја која држи чекор во примена на новите телекомуникациски технологии. Минатата недела, Македонски Телеком ја измери досега најголемата брзина на пренос на податоци на мобилната мрежа од над 500 Mbps за симнување (download). Се планира во наредните години со инвестиции од над 60 милиони евра овие брзини да бидат достапни за сите корисници.

Основен услов за развој на 5G технологијата е развој на оптичката мрежа во една земја. Во овој контект Македонски Телеком постојано ја шири и развива оваа инфраструктура што е основен предуслов за идна имплементација на 5G.  Со оглед на амбициозните планови на компанијата за развој на оптичката мрежа во следните години повеќе од извесно е дека влезот на 5G најавен за 2020 година, Македононија ќе го дочека подготвена.

Сподели!
- Advertisement -