Оние кои редовно пазарат онлајн преку мрежата на Alibaba, се запознаeни со големите попусти кои компанијата ги има секоја година на 11. ноември. Ова е всушност кинескиот пандан на американскиот Black Friday, кога по повод Денот на самците, Alibaba нуди најразлични промоции и попусти.
Во првите минути откако беше пуштен попустот, беше остварена продажба од неколку милијарда долари, за во првиот час од продажбите вредноста на продадените производи да нарасте на 8,6 милијарда долари.
Биле регистрирани околу 256 илјади трансакции во една секунда. Се купуваат најразлични производи, од новогодишни декорации и декорации за домот, козметика, облека до електроника.
Минатата година продажбите на крајот на денот стигнале до сума од 17,7 милијарда долари, а годинава се очекува продажба од 25 милијарда долари.
Џозев Цаи, кој е еден од основачите на Alibaba, изјавил за Ројтерс дека ова е одличен настан за кинеската економија.
„На овој ден онлајн пазарувањето за луѓето е како забава или спорт.“, додал тој.
Alibaba организираше и целодневен гала настан во Шангај каде освен што се промовираат производи, свое учество имаат и Фарел Вилијамс, тенисерката Марија Шарапова и актерката Никол Кидман.