Остатоците од ручекот, овошјето заборавено во фрижидер или конзервите сокриени во кујнските ормарчиња не мора да завршат во ѓубре. Две Британки осмислија апликација која овозможува да го споделите вишокот храна со пријателите и соседите. ОLIO е мобилна апликација развиена во Велика Британија, а целта е да се намали количината отпад, да им помогне на тие кои немаат доволно и да се заштити животната средина од загадување.
Апликацијата ја развија две претприемачки сакајќи да го намалат отпадот храна, што е еден од најголемите проблеми со кои се соочува човештвото денес. Теса Кук, една од одновачките, таа теза може да ја потврди и со статистика. Во светот се фрла речиси една третина од произведената храна, вредна милијарда долари, а само во Велика Британија просечното семејство секоја година фрла прехранбени производи вредни околу 800 евра.
Сето тоа е катастрофа за околината. Таквиот систем дополнително ја загадува земјата и водата за рпоизводство на храна, а прехранбениот отпад оставен на депонија испушта метан, кој е поштетен од јаглерод диоксидот. Авторката на апликацијата израснала на фарма во Јоркшир во северна Англија, па таму рано научила колкав труд е потребен за производство на храна.
Кога минатата година се селела од Женева во Лондон, Кук морала набрзина од фрижидерот да ја замрзне храната и тогаш и дошла идејата за апликација. Излегла на улица за да најде некој кому му треба таа храна, ама не нашла никого. Си помислила дека во радиус од 100 метри сигурно има некој што има потреба од храна, но не знаат.
Кога открила дека не постои мобилна апликација за делење храна, се здружила со бившата американска инвестициска банкарка Саша Селестијал, па по две рунди инвестиции собрале 2,2 милиони долари и ја лансирале OLIO. Корисниците апликацијата треба да ја симнат на телефон, да отворат профил и потоа поставуваат фотографии и опис од хранат која сакаат да ја дадат – од банани до зачини и храна за деца. Размената на храната се договара преку приватни пораки, а оценувањето на корисникот и можноста за поднесување жалби спречува злоупотреба на системот.
OLIO е лансирана во јануари 2016 година, а денес има 322.000 регистрирани корисници, главно во Велика Британија, и разменети се повеќе од 400.000 прехранбени производи. Апликацијата е стартувана во соработка со кафулиња, ресторани и прехранбени синџири.