Хрватската компанија за електрични автомобили на Мате Римац најави дека ќе се проширува и ќе отвора канцеларии и во Осијек. Веста била најавена за време на посетата на Матија Грацин и Рајкумар Рајапан на универзитетот во Осијек каде одржале предавање за студентите по автомобилски технологии и комуникации.
Тие најавиле дека новите канцеларии ќе бидат наменети за истражување и развој и ќе имаат од 10 до 15 вработени. Идејата била, делот од компанијата која работи на развој да се префрли од Загреб во Осијек, со цел да се забрза работењето и да се вработат нови инженери.
Компанијата Rimac Automobili е прогласена за најдобар работодавач во Хрватска три години по ред. Матија Грацин раскажал што точно нуди компанијата за своите вработени и по што се разликуваат од останатите компании.
„Нашата компанија им нуди комплексност и проблематика на инженерите кои секој ден се среќаваат со проблеми кои мораат да ги решаваат од различни подрачја. На пример, еден електротехничар работи со машини, но и со производство и набавка и токму оваа сложеност на системот е интересна и предизвикувачка за нашите вработени. Исто така, работиме со најнови технологии, ги користиме најдобрите достапни алатки и постојано ги поместуваме границите на индустријата. Работната средина е пријатна со претежно млади луѓе, како и неколку експерти со дваесетгодишно искуство. Значи нудиме пријатна работна атмосфера, вработените имаат од кого да учат и имаат интересна и динамична работа.“, раскажала Грацин.
Инаку, Осијек е познат по својата IT индустрија, но од компанијата рекле дека сакаат да понудат нешто ново во градот. Одделот од компанијата кој сега ќе работи во Осијек е фокусиран на енергетска електроника. Тие упатиле и покана за соработка до универзитетот и најавиле можности за студентска пракса, истражувања за дипломските трудови, проекти, а подоцна и стипендии за најталентираните студенти.