Германскиот производител на автомобили Audi и авиокомпанијата Airbus на годинашното Geneva International Motor Show ја претставија својата надградена визија за летачко беспилотно такси кое ќе може да ве земе и да ве остави каде било – и тоа и по копно и во воздух, пренесува DailyMail.
Новиот модуларен систем се вика Pop.Up Next и се состои од капсула со две седишта која функционира како кола додека вози по копно или во случај на сообраќаен метеж може да биде пренесена на која било дестинација преку воздух со помош на дрон.
Оригиналниот Pop.Up беше претставен од страна на Airbus на минатогодишното шоу во Женева, а сега германската автомобилска компанија додаде уникатни елементи во целосно автоматизираниот модуларен дизајн.
Од Audi велат дека концептот може да стане индустриски стандард за летачките такси во иднина и дел од реалноста во периодот од 2024 и 2027 година. Таксито ви овозможува да си закажете превоз со помош на апликација. Системот потоа автоматски го предлага најдобриот начин на превоз за вашата рута според информациите за времето, сообраќајниот метеж, трошокот и потребите за споделување на превозот – по копно, по воздух или комбинација од двете.
Капсулата е направена од карбонски влакна и е долга 2,6 метри, висока 1,4 метри и широка 4,8 метри, а во неа можат да седнат двајца патници. Во внатрешноста има екран од 49 инчи преку кој се комуницира со автомобилот било преку говорни команди, следење на очите или со копчиња на допир. Капсулата може да се трансформира во автомобил кога ќе се поврзе со модул за на копно кој работи на батерија и може да помине 130 километри со едно полнење со максимална брзина од 100 км/ч.