General Motors подготвува нова услуга која медиумите веќе ја нарекоа Airbnb за автомобили и која би можела да биде голема закана за рент-а-кар индустријата, која последните години цвета. Сервисот на којшто работи оваа компанија би им овозможувал на корисниците на возила на GM да ги изнајмуваат сопствените возила кога не ги користат, а сите заинтересирани би можеле едноставно преку мобилна апликација да резервираат автомобил и да го преземат, да го возат и да го вратат на сопственикот, кој парите од изнајмувањето ќе ги дели со GM.
Ваквиот начин на изнајмување на автомобилите сигурни би бил многу поевтин од рент-а-кар, а на корисниците би им овозможил да ги покријат мeсечените трошоци за одржување на автомобилот и за гориво, во зависност од тоа колку време го изнајмуваат. На пример, наместо да платите 70 евра за рент-а-кар, преку ваквиот сервис би платиле можеби 30 евра, пишува Zimo.
Иако оваа услуга е интересна и има голем потенцијал, треба да се утврдат многу работи пред да се лансира. Прво е прашањето на безбедноста затоа што, сепак, на непознати луѓе треба да им ги дадете клучевите од својот автомобил, потоа е прашањето на осигурувањето, плаќањето даноци и регулативите. Од General Motors моментално не ја коментираат информацијата, но од блиски извори се дознава дека пилот програмата би можеле да ја стартуваат на почеток на летото во неколку градови во САД. Доколку пилот проектот се покаже успешен, можеме да очекуваме слични сервиси и од други компани.