Основачот на Facebook, Марк Цукерберг, закупи цела страница во речиси сите британски весници за да се извини поради скандалот кој настана со користењето приватни податоци на корисниците, пренесува Klix.ba.
„Имаме одговорност да ги заштитиме вашите податоци. Ако не можеме да го направиме тоа, не ве заслужуваме“ се наведува во рекламите кои во најголем број се објавени на ударните последни страници на весниците.
Цукерберг појаснува дека е направен квиз со апликации преку кои се искористени податоците на милиони корисници во 2014 година.
„Ова е кршење на доверливиот однос и жал ми е што не направивме повеќе уште тогаш. Сега работиме на тоа ова да не се повтори никогаш“ изјавува Цукерберг.
Пораките доаѓаат откако основачот на најголемата социјална мрежа во светот минатата недела ги призна големите пропусти кои ја доведоа компанијата под истрага во САД и во Велика Британија и значително ја намалија цената на акциите на компанијата.
Цукерберг наведува дека Facebook веќе ги изменил правилата, за да не се повтори вакво протекување на информации.
„Ја истражуваме секоја апликација која имала пристап до голема количина податоци и очекуваме дека ќе ги има уште. Кога ќе ги најдеме, ќе ги забраниме и ќе им кажеме на сите кои се засегнати“ изјави основачот на Facebook.