Прототип на брз воз наречен CR450, претставен во Пекинг кон крајот на минатата година, достигна брзина до 450 километри на час, што значи дека светот наскоро би можел да има нов најбрз воз.
Кога ќе се појави на шините за комерцијална употреба, новиот воз ќе го надмине сегашниот кинески модел CR400, кој дебитираше во 2017 година и се движи со брзина од 350 километри на час.
Најновиот прототип на возот CR450 го развиваат CRRC Changchun Railway Vehicles и CRRC Sifang, кои се фалеа со неговата брзина, енергетска ефикасност, контрола на бучавата и перформанси на сопирање. Прототипот поминал повеќе од 2.000 тестови за да ги исполни ригорозните барања за комерцијално работење, објави China Daily, но потребни се понатамошни тестирања и подобрувања за да се исполнат строгите стандарди.
Порано оваа година модел на возот CR450 беше претставен на Меѓународниот саем за увоз на Кина (CIIE) во Шангај. Инсталацијата им даде на посетителите увид во оперативните карактеристики на возот и насоката на неговиот технички развој, а одговори и на прашања за сопирањето, аеродинамиката и потрошувачката на енергија, кои се клучни за возење со брзина од 400 км/ч.
Во последната деценија Кина стана неоспорен светски лидер во развојот на железницата, градејќи илјадници километри нови пруги кои стигнуваат до речиси секој агол од земјата. Железничката мрежа на Кина се протега на повеќе од 160.000 километри, вклучувајќи повеќе од 46.000 километри брзи железнички линии.
Брзите возови се еколошки прифатлива и ефикасна алтернатива на воздушниот транспорт на Кина, поврзувајќи ги големите градови со руралните области. Од 1980-тите години стотици милијарди долари се инвестирани во нови брзи железници низ Европа и Азија, водени од јапонската Shinkansen и француската Tele Grand Vitesse (ТГВ).



