Српскиот министер за финансии, Синиша Мали и главниот комерцијален директор на американската компанија Archer Aviation, Никил Гоел, потпишаа Договор за партнерство во Давос, Швајцарија, кој треба да биде рамка за соработка меѓу српската влада и компанијата за воведување услуги за електрични воздушни такси во Србија.
На потпишувањето на договорот за време на сесијата на Светскиот економски форум присуствуваше и српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Вучиќ напиша на својот Инстаграм профил: “Важно е за нас да соработуваме со една од најдобрите и најсилните компании во светот во однос на технологијата, да ја донесеме најсовремената, врвна американска технологија во Србија и да бидеме долгорочни партнери“.
Тој додаде дека се надева дека ова ќе ги направи српските граѓани „горди на својата земја“.
„Сè уште имаме многу да направиме и малку повеќе од една година подготовки, но верувам дека народот на Србија ќе биде повеќе од задоволен од сè што можеме да презентираме преку нашето партнерство за Експо“, рече Вучиќ.
(Bizlife)


























