Деновиве Илон Маск најави уште еден неочекуван производ кој ќе биде пласиран на пазарот од неговата компанија The Boring Company. Како што пишува порталот Engadget, компанијата ќе прави огромни цигли за градење кои ќе бидат во стилот на Lego коцки.
Циглите ќе бидат изработени од камен кој е нуспроизвод од трасирањето на тунелот Hyperloop, а според твитовите на Маск, циглите можат да се сврзат една со друга при градењето и имаат прецизно изработена површина. Притоа, овие цигли спаѓаат во групата градежни материјали со многу достапни цени.
Маск изјави дека циглите се совршени за трусното подрачје на кое се наоѓа Калифорнија бидејќи се цврсти, а сепак не толку тешки како што изгледаат. Имено, според најавите од компанијата, двајца луѓе би можеле да изградат мала куќа со овие цигли во рок од еден до два дена.
Засега не е најавено кога ќе бидат пуштени во продажба, но Маск напиша дека се очекува ова да се случи многу скоро. Се очекува овие градежни материјали да бидат клучни во овозможувањето на евтини домови во поголемите градови.