Со последниов скандал поврзан со тоа како Facebook ги чувал личните податоци на корисниците, компанијата Mozilla одлучи да понуди заштита на своите корисници со тоа што ќе претстави екстензија односно додаток за пребарувачот.
Како што пренесува Klix.ba, новата екстензија именувана како Facebook Containter ќе им овозможува на корисниците на Facebook да ја изолираат својата активност на социјалната мрежа и да го отежнат следењето на нивните активности. Целта е она што корисниците го пребаруваат на Интернет да не доаѓа до Facebook.
„Страниците кои ги посетувате на Интернет кажуваат многу за вас. Можат да откријат каде живеете, какво хоби имате, а можат да ја откријат и вашата политичка определеност“, стои во соопштението од Mozilla.
Сепак, екстензијата е далеку од совршено решение бидејќи нема да биде ефикасна на страниците на кои корисниците се најавуваат преку својот Facebook профил.
Новитетот од Mozilla доаѓа како реакција на скандалот поврзан со консултантската фирма Кебриџ Аналитика која искористила податоци од најмалку 50 милиони корисници на Facebook без нивна директна дозвола. Од Mozilla објавија и дека ќе го паузираат рекламирањето на Facebook додека основачот Цукерберг не преземе посериозни мерки за заштита на податоците на корисниците.