Според некои најнови студии, има околу 1,8 трилиони парчиња пластика во океаните. Тоа значи околу 80.000 тони отпад во водите на Земјата. Една организација од Холандија најде уникатен начин да се бори против пластичниот отпад во нивните води.
Како и многу други компании за бродови и чамци, Plastic Whale организира тури со водичи низ каналите на Амстердам и на пристаништето во Ротердам, но нуди и една посебна услуга: туристите кои се возат со нивните бродови и чамци можат да ловат пластика од водите додека пловат.
Ова можеби ви звучи како многу несекојдневен начин да се доживее еден европски град, но би се изненадиле кога би би виделе колку луѓе радосни се качуваат во чамците и ги засукуваат ракавите за да ловат пластика со мрежи, пишува Green Matters.
Што можат да очекуваат луѓето од едно вакво необично пловење? Туристите добиваат водич на англиски или холандски јазик низ историските канали во текот на двочасовна екскурзија, но добиваат и големи мрежи со кои се натпреваруваат кој ќе извлече најинтересен пластичен предмет од водата.
Каналите низ еден голем град како Амстердам во себе кријат многу интересни работи. Од пасоши до пластични кукли, водичите на Plastic Whale имаат видено многу интересен улов. Луѓето, пак, кои не се зиантересирани за чистење на каналите можат едноставно да седнат, да го слушаат водичот и да се релаксираат.
Идејата за овие уникатни услуги се родила во 2011 година кога Мариус Смит патувал низ светот и сфатил дека има многу загадување во водите. Тој ја основал компанијата Plastic Whale во холандскиот главен град со цел да ја исчисти пластиката од водите.
Досега компанијата на овој необичен начин постигна голем напредок во отстранување на пластичниот отпад од каналите. До декември 2017 година тие имаат собрано 105.105 пластични шишиња и имаат наполнето 2.062 кеси за ѓубре. „Кога ќе шетате низ каналите нема да знаете дека дури и во овој преубав од УНЕСКО заштитен град плови секакво пластично ѓубре во водите. Секоја година ние вадиме 25.000 пластични шишиња и други пластични предмети од каналите“ вели Смит.
Се прашувате што се случува со собраната пластика? Бротчињата на коишто се возат туристите се направени од таа пластика. Досега компанијата има направено 10 бротчиња од рециклирана пластика. Организацијата Plastic Whale има и едукативни програми и бесплатни настани на кои ги информира луѓето како да ги зачуваат водите од пластичниот отпад.
Крајната цел на Plastic Whale е да престане со работа, односно барем во Холандија да нема повеќе работа за нив. Поради непрекинатото производство на пластични предмети, компанијата се фокусира на создавање поголеми ефекти преку партнерства со други компании од светот, особено во земји кои се особено загадени.