Samsung Electronics денес ја пушти во употреба, како што тврдат, најголемата фабрика за производство на телефони во светот. Фабриката е изградена во Индија, а во употреба ја пуштија премиерот на Индија и претседателот на Јужна Кореја, Мон Џеј-ин. Сместена е во Ноида, сателит-град на индиската престолнина Њу Делхи, а според најавите, ќе може да произведува по 120 милиони телефони годишно, пренесува The Verge. Од Samsung велат дека во фабриката главно ќе се произведуваат телефони поевтини од 100 долари, како и некои препознатливи модели како Galaxy S9.
Пазарот за паметни телефони во Индија е огромен – има повеќе од 400 милиони корисници, но со оглед на тоа дека Индија има популација од 1,2 милијарди жители, има уште доста простор за освојување. Во 2017 година во земјата биле продадени 124 милиони телефони. Неодамна Xiaomi го надмина Samsung по број на продадени телефони на индискиот пазар, па затоа се очекува новата фабрика да го врати на тронот јужнокорејскиот гигант.
Неодамнешната иницијатива „Make in India” ги зголеми давачките за увоз на производи, меѓу кои и телефоните, па компаниите како Samsung и Xiaomi, кои ги прават телефоните за индискиот пазар во Индија, нема да бидат засегнати од промените. Дури и Apple, кој прави значително поскапи телефони, почна да произведува телефони во Индија.
Индија е голем пазар со многу можности, но има големи ценовни ограничувања поради што е сосема логичен потегот на Samsung да ја изгради најголемата фабрика за телефони во Индија.