Британската авиокомпанија easyJet ја прогласи Хрватска за дестинација на годината, што дополнително беше потврдено од јулското издание на магазинот Inflight, кое за првпат во својата историја целосно го посветија на една земја – Хрватска.
Како што пренесува SEEbiz.eu, се работи за публикација наменета за корисниците на нивните услуги и ќе придонесе за понатамошно промовирање на хрватските дестинации, бидејќи списанието на месечно ниво го прегледуваат повеќе од шест милиони патници.
EasyJet ја избра Хрватска како дестинација каде постојано расте интересот и бројот на туристите, со што таа стана една од клучните дестинации до кои лета оваа авиокомпанија и кон која во летните месеци се превезуваат повеќе од еден милион патници. Само годинава имаат 49 активни линии кои ги поврзуваат Дубровник, Сплит, Пула и Задар со бројни европски градови.
„Тоа што Хрватска го добива ова признание од една од најклучните авиокомпании во Европа е голем успех за нас, но и потврда дека во важен економски сегмент, остваруваме значајни поместувања. Клучна цел е позиционирање на Хрватска како атрактивна целогодишна дестинација која е одлично поврзана, особено со авиолинии кои се многу важни за зајакнување на туризмот.“, изјави Кристијан Станичиќ од Хрватската туристичка заедница.
Хрватскиот туризам, според него, може да се пофали со повеќе од 70 нови редовни линии воведени само оваа година.
Инаку, авиокомпанијата easyJet годишно превезува повеќе од 82 милиони патници, од кои околу 13 милиони се на бизнис патувања. Нивната флота е составена од 300 авиони кои летаат на вкупно 980 авиолинии на 156 аеродроми во 33 земји во светот.