Илон Маск ни дозволи да ѕирнеме како се одвива развојот на протипот на неговиот вселенски брод Starship. Шефот на SpaceX сподели фотографија на Twitter и ги покажа првите два дела од она што наскоро ќе биде „тест скокач“ и откри дека оваа пролет може да биде готов за тест-летови.
Starship, претходно познат како Big Falcon Rocket илиe Big F***ing Rocket, е основа за плановите на Маск да испрати луѓе на Марс. Маск ја сподели фотографијата пред неколку дена, а во серија нови твитови објасни кои се неговите планови за тест-возилото. Најави и дека ќе направи целосна техничка презентација откако ќе успее да полета, а тоа најверојатно ќе биде во март или април 2019 година.
Минатиот месец Маск изјави дека веројатно ќе биде меѓу првите интерпланетарни патници до Марс, и покрај тоа што шансите дека ќе умре таму се големи. Билетите за вселенскиот брод на Маск ќе чинат околу 200.000 долари по човек. Планирано е првиот лет до Марс без екипаж да се оствари во 2022 година, а во 2024 година да се испрати и екипаж. Приватна мисија со еден патник со истиот брод е планирана за 2023 година.